Фудбалер на Манчестер Сити е во затвор поради силувања

Левиот бек на шампионот на Англија и светски шампион со Франција од 2018, Бежамин Менди веќе неколку дена се наоѓа во притворска единица во затворот HMP Altcourse во Ливерпул, поради четири обвиненија за сексуален напад и силување.

Стартот на новата сезона донесе хорор вест и скандал за Манчестер Сити. Клубот потврди дека Бенжамин Менди е суспендиран а полицијата соопшти дека е покрената истрага по пријави од неколку женски лица за четири силувања од страна на Французинот.

Истрагата покажала дека се се случувало во периодот од октомври 2020-та до август 2021-ва. Обвинет е за сексуален напад и силување на три различни женски лица меѓу кои и една помлада од 18 години, во неговиот дом во Престбури, област Чешир. Последниот случај се случил пред една недела.

Менди првпат пред судот се појавил во Честер во петокот на 27 август, соопштиле од полицијата.

Бенжамин Менди е еден од најскапите трансфери во историјата на англискиот фудбал и еден од најскапите во Сити во ерата на Пеп Гвардиола.

Во летото 2017-та тој стана најскап бек во историјата на фудбалот откако дојде во Манчестер Сити од Монако за астрономски 57 милиони евра. Дојде како замена за Французинот Гаел Клиши кој замина во турски Башакшехир.

Менди од старт неколку пати се повредуваше, а слободното време го поминувал по дискотеки и кафулиња. Повеќе глумеше маскота во екипата и снимаше видеа за клупскиот канал. 

Во меѓувреме Украинецот Зинченко на кого Пеп Гвардиола му најде нова позиција и го врати на лев бек, заигра феноменално па така Менди уште повеќе се одалечи од првиот тим.

Французинот често правел скандали. Во време на локдаун излегувал и одел на забави, пропуштал тренинзи и отсуствувал од клупската база. Еднаш се случи дури и самиот Пеп Гвардиола на сред прес-конференција да дознае дека Менди е во Хонг Конг.

Додека клубот и навивачите се правеа дека не обрнуваат внимание на конфликтниот Менди, во Манчестер Сити како да удри гром.

Против Бенжамин Менди се покренати обвиненија за силување. Манчестер Сити со цел да не ризикува нарушување на репутацијата експресно се огради од него и го суспендирал. Од управата спремаат раскин на договорот на штета на клубот со плаќање одредено обештетување.

Кариерата на Менди во професионалниот фудбал е готова. Ако обвиненијата бидат докажани, а англиските медиуми пишуваат дека има цврсти докази, тоа значи дека Менди го чека долгогодишна затворска казна.

Во меѓувреме од затворската управа му соопштиле дека ќе го префрлат во притворскиот прстен VP за ранливи затвореници. Тој разбрал дека ќе оди во VIP единица па се шокирал кога видел за што станува збор

Менди во кариерата има освоен Куп на Франција со Марсеј, шампионска титула со Монако, Премиер лига три пати со Манчестер Сити, два англиски Лига Купа, Комјунити Шилд, а со Франција стана Светски шампион во 2018-та.

Од почетокот на новата сезона, Менди играше во Суперкупот на Англија и во првото коло на Премиер лига против Тотенхем (по 90 минути). На последниот меч против Норвич не беше на терен.

За жал, вакви хорор вести почесто доаѓаат од фудбалот. Пред еден месец полицијата го уапсила и фудбалерот на Евертон Гифли Сигурдсон поради наводен сексуален престап во однос со малолетно лице. Полицијата влегла во неговиот дом и собрала неколку предмети, а сопругата на Сигурдсон од првин ги негирала наодите на Инстаграм па набрзо го избришала својот профил на оваа социјална мрежа.

1 септември 2021 - 13:33