Џанлуиџи Буфон во 2001-та година за 38 милиони фунти премина од Парма во Јувентус и со црно-белите освои 7 титули во домашното првенство. На голот на Јувентус, Буфон го замени Холанѓанецот Едвин Ван дер Сар кој замина во Фулам, по што Џиџи дебитираше за Старата дама на 26-ти август 2001. година во триумфот од 4:0 против Венеција.
И покрај понудата на Барселона, единицата на Јуве не го напушти клубот ни по испаѓањето во втора лига по аферата калчополи. Буфон го држи рекордот во Серија А со 237 натпревари без примен гол. Утре против Џенова ќе се обиде да го зголеми рекордот и да му помогне на Јувентус да го задржи првото место на табелата.
„Дресот на Јувентус е нешто свето за мене и среќен сум што ќе стигнам до 500-от натпревар во мојата кариера во Серија А“, изјави Буфон, кој додаде дека најтежок пораз во кариерата му е оној од Милан во финалето на ЛШ 2003-та година на пенали.
Јувентус утре вечер (20:45) игра против Џенова а за таа прилика, торинскиот клуб му подготви посебна капитенска лента на Буфон на која ќе стои бројот 500. Дресот на Италија го носи од 1997-та година и досега бранел на 147 меча за Аѕурите.