Јери Мина - танчерот кој ќе царува во шеснаесетникот на Барселона

Кој е првиот Колумбиец во историјата на Камп Ноу, за кој Барса стокми 5 годишен договор и клаузула од 100 милиони евра? Се работи за многу цврст и забавен играч кој ќе биде тежок за проаѓање. Игра во одбрана, но не го држи многу место. За 4 години кариера има постигнато 25 голови.

НЕГОВАТА ПОЗАДИНА
Мина е израснат во селото Гухене, на 40 минути од 2 милионскиот колумбијски град Кали. Првите фубалски чекори ги направил како голман. Тоа било семејна работа, неговиот татко бранел во Колумбија за Америка де Кали и Калдас, но младиот Јери не го држело место меѓу стативите и се преселил да игра малку понапред.
 
Станал член во младинските редови на Депортиво Пасто кога имал 17 години и за кусо време било јасно дека е нешто посебно.
„Имаше добри технички способности, чувство за додавање, добар физикус, плус добра интелигенција и интуиција. Дојде како играч од среден ред, но ни требаше централен дефанзивец и тој се адаптираше на таа позиција. Беше навистина почитувано дете“, вели Фернандо Фигероа, неговиот прв тренер во Депортиво.
Мина дебитирал за прв тим на 19 години и веднаш бил грабнат од Индепендиенте Санта Фе, кој важи за еден од најтрофејните колумбијски екипи. Таму брзо добил статус на едно од најскапоцените деца и станал првотимец, импресионирајќи со својата моќ во играта од одбраната. Благодарение на одлични игри во Копа Суд Американа во 2015-та привлекол внимание и надвор од својата земја.
 
Следниот клуб кој не можел да одолее на неговите игри бил Палмеирас од каде кога го виделе како игра на Копа Либертадорес, веднаш го купиле. Јери им помогнал да ја освојат титулата во бразилското првенство по 12 години и таа сезона станал миленик на навивачите. Магазинот Ел Паис го именувал во јужноамериканскиот тим на годината и од 2016-та станал редовен репрезентративец на Колумбија.

СТИЛ И КАПАЦИТЕТ
Мина е она што Бразилците го нарекуваат 'zagueiro artilheiro' или голгетер од одбрана. Има само 23 години, ама и 25 гола, а централен дефанзивец е, што значи дека Рамос добива сериозна конкуренција и на тоа поле. Има дадено 1 гол за Депортиво, 12 за Санта Фе, 9 за Палмеирас и 3 за селекцијата на Колумбија.
 
Да не се чудите кога ќе го гледате како скока на прекини и во спротивниот шеснаесетник, бидејќи зборуваме за силен дечко, висок 195 см, но и доста пристоен во завршувањето акции со нога.
 
Тоа би било кул, но прилично бесмислено ако не го бива во одбрана, но тоа не е така. Јери е доста моќен и физички силен за да ги заплаши напаѓачите, плус има добра смисла за позиционирање. Тој е исто така многу удобен со топка и умее да води напад длабоко до спротивниот шеснаесетник.
 
РАБОТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ
Пред да се пресели од Колумбија во Бразил, тренерот на Палмеирас велел дека слабост му е тоа што кога игра со топка во напад, го става тимот во опасност. Но тоа ретко се случувало, Мина напред се појавувал понекогаш и обично ја контролирал топката. Неговата желба и ентузијазам се позитивни атрибути, но може да го одвлечат од дефанзивната линија за која треба да се грижи најмногу.

КАДЕ МОЖЕШЕ ДА ПРОДОЛЖИ
Ако Мина продолжи да напредува на овој начин, тој може да стане глобална ѕвезда. Колумбискиот дефанзивец и се восхитувал на Премиер лигата и признал дека го следи Манчестер Јунајтед од далеку.
 
Но како стојат работите, англиските клубови и да сакаат да го купат ќе мора да почекаат до 2023-та или да ја платат клаузулата од 100 милиони евра која му ја стави Барселона. Каталонците беа биле за него уште додека играл во Колумбија, но тогаш не успеале да го купат, бидејќи тој постигнал договор со Палмеирас.
 
ШТО ВЕЛАТ ЗА НЕГО
„Има сè што е потребно за да стане топ централен бек и еден од најдобрите во свет. Тој е играч кој ќе го надмине Палмеирас, нема сомнеж за тоа. Силен е во воздушни дуели кога скока во напад и е брз во одбрана. Кога чува не се повлекува, ја напаѓа топката и исто така гради игра од позади“, вели тренерот на Палмеирас.

ТАНЧЕРСКИ СПОСОБНОСТИ
Главен дел од култната привлечност на Мина лежи во неговите танцови. Поголемиот дел од головите ги прославува со традиционална колумбијска кумбија на кои додава уште неколку примеси.
„Важно е да ја изразам мојата среќа и онаа на тимот. Дома секој од нас танцува“, вели Мина.
Танцот го нарекува “електричен салса шок“  и им ги покажува клучните чекори на соиграчите. Го следеа Роџер Гедес, Зе Роберто и Фелипе Мело, а најмногу волја за учење покажа Габриел Жезус.
 
Колку е опуштен и ведар овој лик покажува ова видео кое е снимено неколку минути пред неговото деби за Палмеирас.

12 јануари 2018 - 12:44