Двајт Јорк - Фудбалерот поради кој на Фергусон му обелела косата

Дете од мало место во карипската земја Тринидад и Тобаго стана најомилениот напаѓач на секој навивач на Манчестер Јунајтед и најзаслужен за тројната круна на овој клуб во 1999. Сепак пороците кои ги носат славата и парите не го одбегнаа и него па се скара со Фергусон.

Кога го претставил него во 1998 година, Фергусон кажал: „Јорк сега е еден од нас. Водете сметка за него како ваш брат. 

Двајт бил еден од петте сина на Фултон Јорк, чистач од селото Канан на југо-западот од островот Тобаго. Една јулска вечер во 1974. година, малиот Двајт тргнал со постариот брат Клинт до продавница на петсто метри од дома. Кога на другата страна од улицата ја видел сестра му Верлен Двајт истрчал а на темната улица го удрила кола.

Го удрил локален таксист кој живеел на соседната улица. Среќа во несреќа што ударот од браникот го фрлил на страна а не под тркалата. „Он е крив“, испаничено викал таксистот и побегнал. Друг возач, кинески турист застанал и викнал Брза помош.

Двете нозе му биле скршени и Двајт три месеци бил во болница. Дома се вратил непосредно пред третиот роденден. Кинескиот спасител никогаш не го видел пак, а таксистот подоцна го возел од аеродромот до дома кога Двајт доаѓал од Англија на одмор. 

Една вечер Двајт го скршил црно-белиот телевизор - единствен дома, поради што татко му прописно го истепал. Секојдневнието во домот било суморно, па кога татко му доаѓал дома пијан, Грејс Јорк, која работела како чистачка во хотелот Crown Reef ги праќала децата во кревет и морала да трпи удари од сопругот.

Тој бил љубезен со своите деца, но не и со мајка им, се сеќава Двајт во автобиографијата Born to Score.

ЌЕ СОБИРАШ РАКОВИ АКО НЕ ОДИШ ВО ЦРКВА

На осум години Двајт дошол кај Бертил Сент Клер, единствениот човек на островот Тобаго кој тренирал деца. Бертил го викнал во тренинг кампот за деца во Скарборо, најголемиот град во Тобаго. Мајка му на Двајт била против: тренинзите биле во сабота, а таа како адвентистка тогаш го носела малиот со себе во црква.

Двајт плачел, не сакал и на крајот се ослободил од мисите: „Пари за пат ќе си заработиш сам“, му викала мајка му. Малиот Двјат по цела ноќ собирал ракчиња на плажа, а сабајлето ги продавал.

Собрал пет долари за патот во Скарборо (за копачки не ни сонувал и отишол со патиките за во школо). Кога стигнал на првиот тренинг таму видел педесетина деца, маркери, сталки и огромни голови.  После три години Бертил Сент-Клер го повел Двајт на турнир во Порторико. Во финалето ја победиле Америка а Јорк дал најмногу голови.

Во родното село се вратил како ѕвезда а Бертил еднаш го видел со шише пиво. Му го земал и му урлал: „Сега 20 склека во калта. Што сакаш да правиш ти? Да пиеш пиво пред коперација? Што е следно - наркотици?

На крајот сфатил дека фудбалот му е поважен и не одговорил ништо. „Во Тринидад и Тобаго има две сезони - врнежлива и сува. Кога е врнежливо играме фудбал, а кога е суво крикет. Оној кој не се занимаваше со овие два спорта го сметаа за педер, па се плашев од таков приговор“, се сеќава Двајт во автобиографската книга.

Ги решил сите тинејџерски проблеми, освен еден - немал асални копачки. Очајнички пробувал да најде и отишол во спортска продавница каде му предложил кладба на продавачот: „Ако ја жонглирам топкава 100 пати со глава ќе ми дадеш нови копачки. -Ајде, пробај, знаеш ли што се 100 пати?

После 50 пати жонглирање веќе се собрале многу муштерии да го гледаат, а продавачот му дал нови копачки затоа што брзо му го оправил дневниот промет.

НА ДАЛЕЧЕН ПАТ ВО АНГЛИЈА

После три години Двајт уште ги носел тие копачки, овојпат како фудбалер на Астон Вила, екипа која дошла на турнеја во Тринидад и Тобаго по испаѓањето од ФА Купот.

После мечот со локалнио тим, тренерот на Вила Грем Тејлор побарал од бизнисменот кој го држел клубот од Јорк да го викне Двајт на петтонеделна проба. За таа прилика Двајт купил ново класично одело. На аеродромот Хитроу дошол со уште еден играч од Тобаго, Колвин Хачисон, а ги пречекал кабинерот на Вила Џип Пол кој ги возел до тренинг центарот Бадимур Хит.

Прв шок му бил кога првиот ден на тренинг под тушел ги видел заедно сите играчи на Вила голи, но брзо го надминал срамот, им се придружил но немал намера да го тргне пешкирот. Месец дена подоцна тренерот Тејлор објавил - договор за Јорк, карта за дома за другарчето Хачисон.

По дебито со Кристал Палас доживеал нова неволја: првото интервју за англиските новинари. Јорк 20 минути одговарал на прашањата а подоцна слушнал како му се смеат соиграчите Дејвид Плат и Стјуарт Гери. После две недели заиграл во првиот состав против Манчестер Јунајтед после кој бирмингемскиот новинар Томи Доерти напишал: „Ако овој е играч за Премиер лига, јас сум Мао Це Тунг“.

Следувала повреда на бутниот мускул и до 94-та и до доаѓањето на тренерот Брајан Литл играл како полушпиц а не како шпиц.

Откако во родниот крај ветил дека нема веќе да пие, Двајт на секое тимско излегување бил единствен трезен и ги возел пијаните фудбалери до дома. Највеќе пиел бекот Пол Мекграјт а Јорк пишува: „Зошто пиеше толку многу? Искрено не го видов трезен за да го прашам“.

НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР НА АСТОН ВИЛА

Со тренерот Литл, Јорк две години по ред бил најдобар стрелец на Астон Вила и за него се заинтересирал агентот Тони Стивенс кој бил менаџер на Алан Ширер и Дејвид Бекам.

Во исто време газдата на Атлетико, легендарниот Хесус Хил му понудил на Двајт Јорк неверојатни 1,3 милиони фунти по сезона. Двајт во Англија почнал со 200 фунти неделно, а сега можел да бира лет во Мадрид или кај Алекс Фергусон во Манчестер.

Сопственикот на Вила Даг Елис му понудил зголемување на платата до 27.000 неделно - три пати повеќе отколку што земала ѕвездата на Ливерпул Џорџ Барнс и 4.000 повеќе отколку што му давал Јунајтед.

На крајот Двајт Јорк полетал за Сиднеј каде две недели се журкал во хотелот Hyatt со лудиот голман Марк Боснич (познат што падна на тест за кокаин).

GLORY GLORY MAN UNITED

По осум години во Бирмингем, Јорк и следната сезона 1998 ја започнал во Вила но не му се играло затоа што клубот го одбил Манчестер Јунајтед. Откако сфатиле дека не им треба проблематичен играч, луѓето од Вила решиле да го продадат во Манчестер за 12,6 милиони фунти и Двајт станал најскапиот фудбалер во историјата на „Црвените ѓаволи“.

Фергусон му кажал дека неговиот помошник Брајан Кид запнувал за друг шпиц, за Џон Хартсон, но дека лично тој инсистирал на Двајт кој го следел уште од 1989 година кога го гледал на мечот меѓу младинците на Јунајтед за кои играл и син му Дарен и младинците на Тринидад и Тобаго.

Премиерата на Јорк на „Олд Трафорд“ била одбележана со два негови гола против Вест Хем но и по еден скандал. Некој репортер нашол видео касета фрлена во канта на која се гледа Јорк како со Боснич и уште две девојки снимаат видео.

„Фала му на Бога што ти дојде“, како да му олеснило на Дејвид Бекам што новинарите сега ќе имаат друга тема на муабет.

Уште во првата сезона во тандем со семејниот човек Енди Кол постигнале вкупно 53 гола од кои 2 решавачки против Јувентус и пласман во финалето на ЛШ 1999-та. Ѓаволот тогаш како му го засладил победничкото шампанско и Двајт ѝ се вратил на чашката.

После нереалното финале со Баерн Минхен се пеело, играло, јадело и пиело цела ноќ во хотелот. Сите биле со сопругите и девојките, само Двајт качен на маса со директорот Мартин Едвардс. Ноќта ја продолжил во различни барови во Барселона заедно со Жорди Кројф кој таа сезона беше позајмен од Јунајтед во Селта Виго. Таа сезона Јорк беше прогласен за најдобар играч во Премиер лигата и беше најзаслужен за Тројната круна на Манчестер (Премиер, ФА Куп и Лига на шампиони).

После еден месец Марк Боснич, новиот голман на Манчестер правел свадба а невестата Сара побарала од Двајт: „Пази на него, те молам. Немој да заглави во некоја непријатност“.

Вечерта пред свадбата двајцата биле во два-три клуба, пиеле но Боснич запнал да оди во казино. Јорк долго време го наговарал да не оди и на крајот попуштил но си заминал дома. Сабајлето го разбудил Боснич: „Ме уапсија, во станица сум“.

Лудиот Боснич претепал некој фотограф кој го сликал како излегува од стриптиз-барот Legs Eleven, но Јорк успеал да го извади од станица и на време да стигнат на свадбата во Ковентри. 

ПРВИТЕ ЗАКАЧКИ СО СЕР АЛЕКС ФЕРГУСОН

Во еден момент Јорк почнал да го нервира Сер Алекс Фергусон со честите излети за репрезентацијата на дуели против селекции како Хаити и Доминиканска Република (во 1992. го повредил коленото додека играл за репрезентацијата).

Чашата се преполнила кога по историската победа на Тринидад и Тобаго 4-0 над Канада во квалификациите за СП2002, Двајт Јорк задоцнил на време да се врати во клубот и изјавил дека задоцнил на летот поради големото славје во земјата. Оттогаш Фергусон барал приватен хеликоптер кој би го носел брзински Јорк од стадионот до аеродромот во неговата родна земја.

Фергусон бил толку бесен што го седнал Јорк на клупата а неговото место го зел Теди Шерингам. Капитенот на Тринидад и Тобаго имал проблеми и во приватниот живот затоа што поради честите скандали со сомнителни девојки бил на насловните страни. „Јас не сакам плејбојци, овде ми требаат фудбалери“, му викал Фергусон.

Единствна светла точка тој февруари била кога наместо повредениот Енди Кол се вратил во составо, ја викнал девојка му моделката Кејти Прајс на стадион и на мечот против Арсенал за 22 минути дал три гола и една асистенција.

Од тој момент повторно темни облаци: Доцнел на тренинзи, се пијанчел по локалните пабови а најтежок момент му бил кога дознал дека на 27 мај 2002 година Кејти му родила дете со Пардер-Вили синдром, со оштетен вид и бавен развој на големиот мозок.

Поради чести расправии Двајт Јорк и Кејт се развеле, а Фергусон не можел веќе да ги толерира неговите отстуства и го пратил во Мидлзборо од каде Јорк за 2 милиони фунти ќе премине во Блекбурн.

Кога претседателот на фудбалскиот сојуз на Тринидад и Тобаго, Џек Ворнер (уапсен со Сеп Блатер за мито и корупција во ФИФА) сакал да го ангажира Рон Аткинсон за нов селектор, Двајт Јорк рекол: „Карипската репрезентација не смее да ја тренира човек кој го нарече Марсеј Десаи мрзлив црнец“.

Со новиот селектор Лео Бенхакер, Тринидад и Тобаго стигна до баражот за Светското 2006, го совлада Бахерин 0-1 на гости по ремито дома и стана најмалата земја во историјата која се квалификувала на еден Мундијал.

На Светското Тринидад беше хит и покрај поразите со Англија и Парагвај (ремизираа со Шведска), а Двајт беше нивниот предводник кое го обожава цела земја. После дуелот со Англија кога сите играчи трчале по автограми и дресови, Јорк седел во соблекувалната и размислувал за животот.

„Ние не сме најдобра репрезентација на светот, но ако забавите ги стават во олимписката програма, нам ќе ни биде гарантиран златен медал“, пишува Јорк во автобиографијата.

До крајот на кариерата играше во Блекбурн, Бирмингем, Сиднеј и Сандерленд и во 2009 реши да стави точка. Во пролетта 2009 Сер Алекс Фергусон го поканил Двајт Јорк на „Олд Трафорд“ за мечот од 1/8 финалето во Лига на шампиони со Интер. После мечот Фергусон го викнал Двајт во својот кабинет, отворил две шишиња вино: една за него и Двајт а другата за Мурињо.

„Гледај Жозе, оваа битанга е крива што ми обеле косата“, се насмеал Фергусон и го гушнал напаѓачот кој му донел најмногу радост, но и нервоза во кариерата.