Во јануарскиот преоден рок Лацио се ослободи од Србинот Душан Баста и на позиција десен бек го има само Црногорецот Адам Марушиќ. Но со оглед на тоа што тимот на Симоне Инѕаги игра на три фрона, ќе мора да најде уште една алтернатива.
Кориере дело Спорт и Калчомеркато пишуваат дека многу тешки се шансите Лацио да ја прифати понудата на Челси за Запакоста од 18 милиони евра, па план Б им бил Стефан Ристовски.
Според италијанските медиуми, Лацио нудел 5, а Спортинг барал 7 милиони евра за позајмица со право на откуп.
Муабетов малку ни е познат, па ајде да видиме дали е ова уште еднаш само жута штампа или навистина се крчка нешто.
Истите два италијански медиуми за овој трансфер пишуваа и во мај 2016-та. Тогаш Рики беше член на Ријека, Лацио нудеше 1,5, а Хрватите бараа 2 милиони евра.
На тема Ристовски во Лацио деновиве пишуваат и португалските медиуми.
Фудбалерот на Спортинг кој има договор со португалскиот тим до 2022-ра година не е стандарден првотимец. Оваа сезона има 7, а лани имаше вкупно 8 настапи во домашното првенство.
Откако кариерата ја почна во Вардар, македонскиот бек направи трансфер во Парма која по 6 настапи го прати на позајмица во четири италијански екипи: Кротоне, Фрозиноне, Бари и Латина.
Знаејќи дека спортскиот директор на Лацио, Игли Таре често пазари Балканци, нема да не чуди ако доставил понуда до Спортинг. Но дека Лацио бара вкупно тројца македонски репрезентативци за кои се труби по македонските портали, вклучувајќи ги и Адеми и Елмас, тоа веројатно се тешки шпекулации и „рекла казала“ муабети.
Горан Пандев созреа во Лацио во тие пет сезони и стана најдобар стрелец меѓу странците во римскиот клуб, па да му посакаме и на Рики трансфер во истата средина која му се посреќи на капитенот со исклучок на разделбата која одеше преку судови.
Плус конкуренцијата му е црногорска, а Рики не е мрзлив за трчање. Тоа многу добро го знае Јуве против кој дебитираше и блесна во ЛШ. 10 километри истрча тогаш, а Манџукиќ не мрда.