Дунга и религијата во Бразил

Селекторот на бразилската фудбалска репрезентација, Карлос Дунга изјави дека играчите од сега па натаму ќе мора да си ги чуваат религиските убедувања за себе, а не цел свет да ги знае.

После пријателската средба меѓу САД и Бразил на 8-ми септември, на Интернет се појавија многу фотографии на кои се гледаат репрезентативците на Бразил со проповедникот на евангелистичката црква, Гиљермо Батиста.
 
Иако присуството на свештени лица во кампот на Бразил е редовна пракса, Карлос Дунга реши да стави крај на тоа иако нема никакви чудни и спорни ритуали во базата.
„Во хотелот на државниот тим не дозволуваме никакви религиозни обреди. Имаме соба каде играчите можат да ги примат членовите на своите семејства и блиски луѓе, но репрезентацијата не е место во кое треба да се изразуваат религиозни и политички ставови. Тој свештеник не е дел од овој тим. Ги посетил играчите без моја дозвола, а така не се договоривме“, изјави Дунга.
Свештеникот се сретнал со десетмина репрезентативци кои присуствувале на службата, а меѓу нив биле и Кака и Давид Луиз кои се надалеку познати верници.
„Ако сакате да бидете добри и да правите добри дела не мора тоа да го објавувате на цел свет“, констатираше Дунга кој додаде и дека играчите од сега ќе мора во своите хотелски соби да ги исполнуваат своите потреби.
18 септември 2015 - 11:37