
Енер Валенсија е голема фудбалска икона во Еквадор, локална ѕвезда и симбол на оваа јужноамериканска репрезентација.
Пред Светското првенство, Еквадор го ставаа речиси како аутсајдер зад Холандија и Сенегал со кои се во група. Во јужноамериканските квалификации за Светско завршија четврти зад Бразил, Аргентина и Уругвај а пред Колумбија и Чиле.
Енер Валенсија со два гола го реши Катар на отворање на Светско 2022 и широко ја отвори вратата за осминафинале на Еквадор.
ОТИШОЛ НА ПРВО СВЕТСКО ПОРАДИ СМРТ НА СОИГРАЧИ И МУ ГО ПОСВЕТИЛ НЕМУ ГОЛОТ ВО КАТАР
Енер Валенсија додека играл за клубот Емелек во татковината, понекогаш не јадел и спиел во ложата на стадионот. Но тоа е само почеток во споредба со она што му се случувало подоцна.
Во 2013-та тој дал повеќе од 10 гола во сезона за Емелек но се уште бил далеку од репрезентацијата на Еквадор. Тогаш нападот на оваа селекција го предводеше шпицот Кристијан Бенитез кој во тој момент беше во Топ3 најдобри стрелци во историјата на оваа земја.
Таа 2013-та Чучо Бенитез по новата титула со мексиканскиот клуб Америка отишол да игра во првенството на Катар. Дебитирал за тамошниот клуб Ел Џаиш. На 29 јули таа година Бенитез се пожалил на силни болки во стомакот, па брзо го хоспитализрале. Но Еквадорецот не ја преживеал операцијата и починал.
Обдукцијата подоцна покажала дека имал вродена срцева маана, односно проблем со коронарната артерија.
А Еквадор веќе беше квалификуван за големото Светско првенство во Бразил 2014-та. Репрезентацијата и земјата останаа без саканиот Кристијан Бенитез. Немале класичен центарфор, па селекторот Рејналдо Руеда од крилен напаѓач го направил дебитантот Енер Валенсија класичен шпиц. И тоа бил полн погодок!
Валенсија постигнал четири гола на пет пријателски меча пред Мундијалот а после уште три гола на самото Светско првенство. Постигна гол против Швајцарија и два против Хондурас. Погодокот на отворање на Мундијалот во Бразил и сега во Катар му ги посветил на другарот Чучо Бенитез. Симболично во земјата во која Бенитез почина.
На 7 декември 2021-та со два гола против Боливија тој се качил на врвот на листата најдобри стрелци во историја на Еквадор.
После блескавото Светско 2014-та, десетина големи европски клубови се распрашувале за него. Вест Хем бил најбрз и платил 15 милиони евра за трансфер од мексиканска Пачука каде Енер играше во тоа време.
Во Англија Валенсија одигра три сезони за Вест Хем и подоцна Евертон, но никаде немаше голем успех и голгетерски настапи. Затоа решил да се врати во Мексико. Паралелно станал незаменлив дел од репрезентацијата.
ГЛУМЕЛ ПОВРЕДЕН ЗА ДА ИЗБЕГНЕ АПСЕЊЕ НА СРЕД НАТПРЕВАР
Енер Валенсија е мајстор не само да бега и да се крие од одбраната на противникот. Во 2016-та тој на сред меч маестрално успеал да избегне да биде приведен од полиција поради неплаќање алиментација и игнорирање на повиците од службите.
После неколку обиди да го најдат, на крај полицајците дошле на сред стадион на мечот Еквадор - Чиле. Енер Валенсија на таа средба му асистираше за гол на Фелипе Каиседо а во 82’ минута „се повредил“ и го извадиле од игра.
Во Еквадор имало верзија дека глумел повреда за да избегне да биде уапсен. Го извадиле од терен со медицинско возило а после го префрлиле во Брза помош и го однеле во болница. По него дошле 12 полицајци на терен зошто должел повеќе од 15.000 долари за алиментација.
„Жално е што полицајците не го спроведоа законот. Не разбирам зошто лице кое заработува толку пари не може да плаќа алиментација во корист на својата ќерка“, бил огорчен адвокатот на оштетената поранешна жена на Валенсија.
Но фудбалерот имал своја верзија на настаните.
„Се обидувам да водам семеен живот и да останам во контакт со ќерка ми Беира. Но сега мојата поранешна жена поднесе неколку тужби против мене. Плаќам 30.000 долари алиментација секој месец, но не ми е дадено да си ја видам ќерка ми Беира кога сум во Еквадор. Сега и јас ќе тужам и ќе барам полно старателство над ќерка ми“.
Драмата се решила во 2019-та. Мајката на девојчето и нејзиниот нов партнер ги уапсиле во Мајами поради тоа што го оставиле со часови 7-годишното девојче во кола додека тие се забавувале во Hard Rock Cafe. Така поранешната сопруга на Валенсија била лишена од сите права над Беира и Енер самостојно се грижел за неа.
ЕДНАШ ЈА КИДНАПИРАЛЕ СЕСТРА МУ КОЈА ПОМИНАЛА 10 ДЕНА ВО ЏУНГЛА
Во 2020-та година Еквадор и цела Јужна Америка ги плашела веста за состојбата на сестрата на Енер Валенсија - Ерси која ја киднапирале вооружени напаѓачи со цел да изнудат пари од најпознатиот фудбалер.
Сестра му ја фатиле и киднапирале дента кога Енер потпишал со Фенербахче во 2020-та. Ја однеле во еквадорските џунгли а трага и глас од неа имало дури после 10 дена.
Се испоставило дека ја киднапирала бандата „Фронт Синистера“, екстремистичка револуционерна организација на Колумбија. Чиновник од месната полиција изјавил дека тие од Валенсија барале 2 милиони евра за да ја ослободат сестра му.
Операцијата за спасување на девојката организирале специјалните сужби кои ја нашле во џунглата во мала куќарка.
Sin escatimar esfuerzos por tu bienestar
— Policía Ecuador (@PoliciaEcuador) August 29, 2020
Así fue el rescate de Elsy Valencia, en #Esmeraldas. Gran trabajo y despliegue de nuestras unidades tácticas (#Unase y #GIR).
En las siguientes horas se dará detalles del operativo#LaPolicíaContigo pic.twitter.com/vDHSC8m6So
Валенсија постојано бил во контакт со властите и потоа им заблагодарил за големата поддршка. Особено на претседателот на Еквадор Ленин Морено.
СЕГА Е НАЈДОБАР ИГРАЧ ВО ТУРСКАТА ЛИГА СО 13 ГОЛА НА 12 МЕЧА ЗА ФЕНЕРБАХЧЕ
По слабите настапи во Англија, Енер Валенсија се врати во Мексико а од таму неочекувано дојде во Турција. Потпиша со Фенербахче.
Пред почетокот на Светското во Катар, тој во претходниве неколку месеци сезонава постигна 13 гола на 12 меча и е најдобар стрелец во моментов во силната турска Суперлига. Вториот стрелец зад него има четири гола помалку и четири асистенции помалку. А Енер Валенсија да не заборавиме има 35 години.
Во Лига Европа неодамна постигнал гол и против Рен кога Фенербахче од 0:3 успеа да израмни на 3:3.
А сега стана и ѕвезда на Светско 2022. Ја освои публиката со два гола против Катарците и уште повеќе го зголеми рекордот по бројот на голови на Мундијал за неговата земја.