Дебаклот од Реал на домашен терен во првиот меч од Супер Купот како да ја натера Барселона веќе следното утро да им јави на Кинезите да го забрзаат трансферот на Бразилецот Паулињо на „Камп Ноу“.
Овој трансфер изненади многу. Прво затоа што Паулиљо има 29 години и веќе извесно време не беше на фудбалската мапа на Европа (екс играч е на Тотенхем и репрезентативец е на Бразил).
Второ: во Европа тој дојде во 2013. Слета во Лондон како идна ѕвезда но после две бледи сезони замина во Кина. Тој има 40 меча за репрезентацијата, играше и на Светско но на клупско ниво нема играно ниту Лига на шампиони.
Трето: Паулињо ќе се соочи со предизвикот да биде играч од средината на Барселона. Тој важи за разбивач на противничкиот напад, собира топки, лизга по теренот и јак е во дуел. Не е познато колку е баш снаодлив во играта на кратки пасови. Интересно е што Барселона во еден момент не била спремна да одвои 40 милиони евра за 29-годишниот Паулињо, па самиот Бразилец доплатил 7,5 милиони евра.
Самиот трансфер е интересен и од причина што е од Кина во Европа, а не спротивно. Барса се интересираше за Паулињо уште на почетокот на летото и нудеше 20 милиони, но Гвангжу Евергранд не се согласи и Каталонците решија да платат колку што им бараат но со дел кој го плаќа играчот.
„Паулињо е одличен фудбалер. Високата цена која што за него ја плати Барселона е и признание за нашиот клуб“, изјави тренерот на кинески Гвангжу, Луис Фелипе Скоплари.
Необично, Гвангжу го купи Паулињо во 2015-та од Тотенхем за 14 милиони евра а Барса денес за него дава цели 40 милиони што значи дека Кинезите заработуваат 26 милиони евра што е право чудо за нивната трансфер политика.
„Тоа е загуба за Евергранд, но добро за кинескиот фудбал кој докажува дека најдобрите светски клубови ја следат кинеската лига“, додаде тренерот на Шангај Телејс, Андре Вилаш-Боаш.