Добиле неплатен одмор за да одат на Светско, а фудбал играат за 66 фунти неделно

Оукленд Сити е приказна за себе. Се работи за разновидна постава на луѓе, која е во силен контраст со професионалните екипи. Тие всушност не се фудбалери и имаат други професии. Еден од нив е бербер, а друг ќе полага испит на факултет за време на турнирот. Но, им се падна Баерн.

На Светското клупско првенство во САД, кое за прв пат се игра со 32 екипи и ќе трае еден месец како Мундијал, еден клуб целосно се двои од другите.

Тоа е Оукленд Сити кој е во група со Баерн Минхен, Бока Јуниорс и Бенфика. Тешко нив. Само од првиот меч против 34 кратниот германски првак имаат гол разлика 0:10.

Тоа не значи дека треба да им се тера сеир, туку напротив, секоја почит за нивните играчи кои се жртвувале да патуваат на релација Нов Зеланд - САД.

Не се тоа фудбалери кои спијат на пари како ѕвездите на Баерн, туку луѓе со разни професии кои земале неплатен одмор, па дури и ризикувале да не можат да платат сметки дома, за да учествуваат на Светското.

Меѓу нив има наставник во основно, брокер, бербер, продавач, па дури и студент.

Голманот Конор Трејси кој се соочи со офанзивната бура на Баерн, истовремено работи како магационер.

Адам Мичел, Мајкл Ден Хејер и Нико Боксал формираат одбранбена линија, а своето работно време го делат во агенција за недвижности, фондација и продажба.

Регонт Мурати, кој игра по десно работи логистика во бродска компанија, а левиот бек Натан Лобо, ќе мора да полага испит од својата хотелска соба за време на натпреварувањето.

Во средниот ред, Џерард Гарига цела енергија ја троши како тренер во академијата, а Марио Илиќ ги шармира муштериите како продажен претставник за Кока Кола.

Предводници на нападот се Дејвид Сеунг-Хо Ју и Мајер Беван, кои инспирираат и на теренот и во локалните младински програми, надополнети од Дилан Маникум, инженер кој гради шанси на и надвор од теренот.

Некои играчи го следат турнирот од дома, бидејќи не можеле да се одвојат од своите обврски.

Инаку Оукленд Сити за последната финансиска година пријавил приход од 1,1 милион новозеландски долари (околу 488.000 фунти), а Баерн 951,5 милиони евра (810 милиони фунти).

Аматерите од Нов Зеланд имаат ограничување на платите од 150 новозеландски долари (околу 66 фунти) неделно, а Хари Кејн заработува 400.000 фунти неделно. 

Значи на најдобро платениот играч на Оукленд би му биле потребни околу 117 години за да ја заработи неделната плата на Кејн.

Според Трансфермаркт, тимот им е проценет на 4,58 милиони евра, додека Баерн тежи 903,5 милиони евра

Во награден фонд за учество, единствениот претставник на Океанија на турнирот, добива 2,6 милиони фунти, а европските клубови ќе заработат помеѓу 9,9 и 29,6 милиони фунти.

А пазете ова. Баерн моментално е рангиран на шестото место на Opta's Power Rankings - глобален систем за рангирање на тимови, додека Оукленд е на 5.074-то место, над 2.500 места под англискиот петтолигаш Јорк Сити.

Следниот најниско рангиран тим на Светското клупско првенство е Ал Аин од Обединети Арапски Емирани, кој е на 625-то место.

Момците желни за фудбал кои пристигнаа на Светското откако им беше одобрено неплатено отсуство од работа, на 20 јуни ќе се соочат со Бенфика, а на 24-ти со Бока Јуниорс.

16 јуни 2025 - 15:21