Детето кое спиело под отворено небо сега е клучен играч на Реал Мадрид

Растел без татко, лутал по фавелите на Сао Пауло и сфатил дека само со напорни и исцрпувачки тренинзи ќе стигне до врвот. Сега е незаменлив штраф од машината на Реал Мадрид со кого освои сè што може да се освои.

Кога Каземиро наполнил 16 години сè отишло јабана.

Вредниот и најдобар јуниор на Сао Пауло (на 15 години станал капитен на младите) се скарал со тренерот, се здебелил многу, скитал по ноќни клубови и секогаш доцнел на утринските тренинзи.

„Тој се сметаше себе за подобар од другите и се навредуваше кога не му даваа толку време на терен колку што сакаше, дури им се жалеше на новинарите како сум го ставал Лукас Мура почесто од него“, се сеќава тренерот на младинците во Сао Пауло, Емересон Леао.

Глупирањата во пубертет можеле да му ја растурат целата кариера, но Каземиро со помош на тренерите, на време сфатил дека тренингот е најважен и „ја наместил главата“. На 18 години дебитирал за првиот тим на Сао Пауло и за помалку од еден месец го постигнал својот прв гол.

Се чувствувал како супермен: секоја недела менувал девојка, купил бесна кола за трки по градот но притоа одговорно и напорно тренирал. Во една година со репрезентацијата на Бразил У-20 ја освоил Копа Америка, освоил Светско првенство и дебитирал за сениорската репрезентација на дербито против Аргентина.

Со само 21 година Каземиро одиграл 40 меча за Сао Пауло а бразилските медиуми пишувале за „малиот што може апсолутно сè“. Но неговите почетоци биле пеколно тешки.

***

Поривот за лош начин на живот кај Каземиро се појавил уште во детството. На 5 години видел жестока караница и тепачка меѓу мајка му и татко му и тоа му останало најпотресно сеќавање од времето. Татко му тогаш го напуштил семејството и Каземиро повеќе не го видел.

„Кога денес би го видел татко ми на улица некаде, сигурно не би го познал. Но би сакал да го сретнам, јас не сум злопамтило. Тогаш бев уште мал“, изјавил во една прилика Каземиро.

Мајка му го растела него и уште две деца во сиромашниот дел од градот, Сан Жозе дус Кампос, место кое се наоѓа североистично од Сао Пауло до каде има два часа возење.

Во трошливата куќа живеело целото семејство па Каземиро често одел да спие кај баба му или тетка му. А кога не стигнувал на време да го фати автобусот после тренинг за дома, тој спиел на гости кај другарите од младинскиот состав. Некогаш му се случувало да преспие и на улица:

„Многу пати спиев на отворено зошто немав пари да платам карта за автобус до дома“, искрено раскажал Каземиро за сајтот Esquire.

Нилтон Мореира, тренерот кој го открил талентот на Каземиро добро памети: „Во 1997 јас отворав фудбалска школа во градот. Во женската екипа играше братучедка на Каземиро и таа му раскажала за мене. А еднаш и го викна. Тој беше мал со тежок карактер. Доаѓаше од крајно скромно семејство. Им помагав се додека не премина во школата на Сао Пауло“.

Во интернатот на славниот клуб условите биле скромни, но за Каземиро биле прекрасно. „Имав соба со климатизер и телевизор. Добро ме хранеа таму. Да бидам искрен, се чувствував како богаташ“.

Следниот удар кој го доживеал малиот Каземиро бил на 14 години кога фатил хепатит. Со денови не јадел, повраќал, но најмногу се плашел да не мора да го напушти фудбалот каде ги отргнувал мислите од тешкиот живот.

ВО КАСТИЉА СТИГНАЛ ЗДЕБЕЛЕН

Во летото 2012 година, кај менаџерот на Каземиро дошле европските гиганти Јувентус и Рома. Уште во младинците на Сао Пауло него го снимале ловци на таленти од Интер но шефот на оваа служба на „нераѕурите“ Пјерлуиџи Казираги мислел дека малиот е склон на дебелеење и се откажал.

Јувентус не бил конкретен а Рома не сакала да ризикува 5 милиони евра. Каземиро ја доиграл 2012-та во Сао Пауло но веќе не можел да остане уште во клубот кој имал финансиски проблеми и морал да заработи на главните ѕвезди.

„Знам само дека имаше клубови кои нудеа 20 мулиони евра, но на крај тој отиде во Кастиља (третиот тим на Реал Мадрид) за 5,3 милиони евра. Продажбата беше одлука на управата зошто на клубот итно му требаа пари“, открива еден инсајдер, тренерот Нилтон Мореира.

Договорот бил Бразилецот во Мадрид прво да дојде на позајмица но не за првиот тим на Реал туку во младинците. Преговорите ги водел извршниот директор на „Кралевите“ Хозе Анхел Санчез со дозвола на Жозе Мурињо. Каземиро бил незадоволен од менаџерите кои ги нарекол наивни максималисти: „Дајте ми само 5 меча и ќе покажам дека заслужувам да играм за прв тим“.

Но не поминале три месеци а Мурињо веќе го викнал корпулентниот Каземиро со најдобрите и го ставил во почетниот состав на мечот против Бетис на „Бернабеу“. Каземиро го заменувал повредениот Модриќ, истрчал максимални 90 минути и му помогнал на Реал да победи 3:1.

Но потоа послушно се вратил во Кастиља и чекал нова шанса.

„Ниту еднаш не се жалев што на почеток морав да играм за вториот и третиот тим. Тоа дури беше моја предност. Често младите играчи кои доаѓаат во Реал потпаѓаат под ураганот на притисокот. Од нив се очекува брз успех и така тие пропаѓаат. Во Кастиља имав време да го запознаам клубот, да се запознаам со играчите, со културата, земјата, со јазикот“.

„Необично е што Каземиро кога првпат дојде кај нас беше со вишок килограми. Но брзо се фати за работа, спушти четири килограми и влезе во форма. Сфативме дека е разновиден и страшен играч“, вели поранешниот прв тренер на Кастиља Алберто Ториљ.

КАКО ГО ОСВОИЛ ЛОПЕТЕГИ ВО ПОРТО?

Најважна сезона за кариерата на Каземиро се испоставила 2014/2015 кога после цела година на клупа кај Карло Анчелоти во Реал, се преселил во Порто на позајмица и таму станал лидер на тимот кој стигна до четвртфинале на Лига на шампиони.

Во тој период тренер на Порто беше Хулен Лопетеги (сега селектор на Шпанија кој ќе ја води „Фуријата“ на Светско2018).

Трансформацијата на Каземиро Лопетеги ја објаснил вака: „Тој добива 9 од 10 дуели во кои влегува. Многу бистар, смирен и интелегентен играч. Неверојатно ја чувствува тактиката а просто обожава да игра во срцето на одбраната. Со него сите се помирни. Одличен е и во позиционен напад кога игра како конструктор“. Прекарот „октопод“ му го дал кондициониот тренер на Порто.

НА ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛ ИНСИСТИРАЛ РАФА БЕНИТЕЗ

Каземиро се вратил во Мадрид брзо а таму го чекал нов тренер. Порто чии навивачи се вљубиле во Бразилецот, сакал да го купи за 15 милиони евра, но Реал одбил и се откажал од чиста заработка на 7,5 милиони евра.

„Го гледав Реал минатата сезона и сфатив дека на екипата и фали играч како Каземиро. Тој игра сјајно. На тим кој напаѓа неопходен му е таков фудбалер. Каземиро е разновиден и секогаш внимателно слуша“, изјавил Бенитез.

Кај Рафа бразилскиот репрезентативец го забетонирал местото во првите 11 но по заминувањето на Бенитез и доаѓањето на Зидан пак западнал во криза: Го вратиле да тренира со младите, го пуштиле на само 2 од 9 меча.

Но во март 2016-та година се вратил во тимот и веќе не исчезна од ротација. Заедно со Зидан освои два пехари во Лига на шампиони, Ла Лига, два Супер Купа на УЕФА и две Светски клупски првенства.

Зинедин кажал како Каземиро многу го потсеќа на Клод Макелеле а тоа е многу голем комплимент ако се знае историјата на односите меѓу Французите. Во 2005 година Зидан ја обнови кариерата во репрезентацијата само под еден услов: заедно со него мора да се врати и Макелеле.

„Каземиро е најважен играч за нас. Ни дава стабилност. Тој собира топки и завршува голема работа која во свое време ја вршеа Макелеле во Рел или Дешам во репрезентацијата на Франција“, рекол Зизу.

Но не само тој, туку и други топ тренери. Пред финалето на Лига на шампионио 2016/2017 Масимилијано Алегри рекол: „Зошто сите зборуваат за Иско и Бејл?! За мене клучен играч на Реал е Каземиро. Без него екипата не може да биде толку силна. Тој прави рамнотежа. Да, можеби не е најнадарен технички но неговата игра е фундаментална“.

Пред десетина дена Каземиро го прослави јубилејниот 150. настап за Реал Мадрид. Детето од сиромашните улици на Сао Пауло кое често спиело под отворено небо. За Реал досега одигра: 91 меч во Ла Лига, 37 во Лига на шампиони, 14 во Копа дел Реј, 4 во Светско клупско првенство, 2 во Суперкуп на Европа и 2 во Суперкуп на Шпанија.