Пред десетина години угледниот британски весник Обсервер кој е дел од Гардијан, објави листа на 50 работи кои треба да ги направите пред да умрете. Една од нив е и посетата на аргентинското дерби помеѓу Бока Јуниорс и Ривер Плејт.
Двата клуба се оформени во Ла Бока, делот од Буенос Аирес каде живееле работниците во почетокот од 20-от век.
Но во 1925-та година Ривер се сели седум километри северно, во поелитниот дел од градот, па го добиваат прекарот „Милионери" затоа што побогатите Аргентинци почнале да навиваат за овој клуб. Бока си останале клуб на работничката класа од „смрдливиот" дел на градот.
За ривалството помеѓу овие два клуба постојат премногу приказни, но за тоа колку тие се мразат доволна е само една. Пред десетина години еден навивач на Бока купи огромно земјиште во близината на Буенос Аирес и од него направи гробишта само за навивачи на Бока, со мотото „никој нормален не сака да почива покрај некој смрдлив навивач на Ривер".
Големиот спектакл во Буенос Аирес за жал во последните години е осиромашен заради неприсуството на гостински навивачи кои беа забранети по серијата убиства на стадионите во Аргентина.
Последното „Суперкласико" на Ла Бомбоњера се одигра синоќа и им припадна на фудбалерите на Ривер Плејт кои славеа со 1:2 и триумфираа на теренот на најголемиот ривал за прв пат по една декада.
Тоа беше 347 средба помеѓу овие две екипи. Бока има 127 победи, Ривер триумфирал 112 пати, а 109 натпревари завршиле без победник.