Во последните неколку години, Италијанците се навикнаа да играат фудбал во Кина од неколку причини. Пред сè поради големата заработка, базата на навивачи, продажбата на дресови и спонзорите кои доаѓаат од земјата со најмногу луѓе на светот. Сезонава по трет пат во историјата италијанскиот Супер куп ќе се игра во Пекинг а ќе се судрат шампионот Јувентус и финалстот на Купот, Лацио.
Милан - Интер секогаш е дерби, дури и кога се игра 11.000 километри од Сан Сиро. Утрешниот меч во 14 часот по средно-европско време носи неколку занимливости меѓу тренерите: Синиша Михајловиќ против Роберто Манчини, од времето клупски другари, потоа еден тренер на другиот и на крај заедно тренери во Интер. Големо пријателство, но утре е дерби денот.
Утрешното дерби вреди многу, затоа што и двата тима се брендови во експанзија на истокот. Милан ќе заработи 3 милиони евра за учество на турнејата (пријателски против Интер и Реал Мадрид), сума која што им ја гарантираа и во САД, но во Кина Росонерите имаат околу 103 милиони навивачи или третина од 370 милиони во светот.
На целиот азиски континент, Милан има околу 230 милиони навивачи, од кои 40.000 имаат членски карти. Турнејата му оди во прилог на Милан и од причина што новиот ко-сопственик Би Тачебул (48% од акциите) би требало да го прошири спонзорскиот пулт на Милан на Ориентот. Хуавеи, Тојота и Хонда веќе го спонзорираат Милан, а сајтот на италијанскиот клуб е преведен на кинески, јапонски, арапски и индонезиски.
Од друга страна, сопственик на Интер е Сингапурецот Ерик Тохир кој веќе поставува база на Нероаѕурите во Сингапур. Заклучокот е дека утрешното Дерби дела Мадонина не е обична пријателска. Вреди многу повеќе. Вреди освојување на Ориентот.