Сите очи на фудбалските фанови во недела ќе бидат вперени кон Англија каде Манчестер Јунајтед ќе го пречека Арсенал. Ривалството помеѓу овие две екипи датира уште од многу одамна затоа што тие се натпреваруваат во иста лига уште од 1919-та година, но нивото се подигна во 90-та години кога Манчестер Јунајтед и Арсенал станаа ривали за титулите во Премиер лигата и ФА купот.
Непријателството се разви и помеѓу тренерите со најдолг стаж, Алекс Фергусон и Арсен Венгер и капитените Патрик Виеира и Рој Кин, а кулминираше во 2003-та.
Арсенал имаше добар старт на сезоната и на 21 септември пристигна на Олд Трафорд како непоразена екипа. Натпреварот помина без поголеми инциденти до 80-та минута, но страстите зовреа во последните 10 минути.
По еден воздушен дуел помеѓу Ван Нистелрој и Виеира, фудбалерот на Арсенал замавна со нога кон Холанѓанецот. Се вмешаа и другите фудбалери, а Виериа го заработи вториот жолт картон и ја напушти играта.
Само по неколку минути, Мартин Кион го собори Форлан во шеснаесетникот и судијата покажа кон белата точка. Ван Нистелрој имаше шанса да го постигне победничкио гол во судиското продолжение, но ја погоди само пречката.
Кион и соиграчите почнаа да скокаат и да го подбуцнуваат Ван Нистелрој по што започна уште една голема мешаница.
Останатото е историја. Арсенал ја заврши сезоната со 22 победи и 10 нерешени, но тоа беше нивната последна титула. Арсенал следните години веќе не се вбројуваше помеѓу кандидатите за титулата и тие за Манчестер Јунајтед повеќе не беа голем ривал. Но тоа се промени оваа година. Арсенал се врати на врвот и страстите повторно зовреваат.
Недела, 17 часот и 10 минути. Манчестер Јунајтед - Арсенал!