На клупата на Евертон, Шкотланѓанецот седеше 11 години, по што замина во Манчестер. Во Јунајтед го сметаа за избраниот наследник на Сер Алекс Фергусон и му понудија 6-годишен договор, но Мојс (51) доби отказ по само 9 месеци, во април годинава. Причина за тоа беше бодовниот заостаток од 23 бода зад водечкиот Ливерпул. Мојс со Јунајтед го освои Лига купот во 2013-та година.
По пауза од 8 месеци без клуб, Мојс во понеделникот потпиша договор со Реал Сосиедад до 30 јуни 2016-та година. По врнежливите и тмурни Ливерпул и Манчестер, Мојс сега ќе работи во еден од најсончевите градови на Атлантикот. Во својата историја, Реал Сосиедад веќе имал 3 тренери од Островот.
Мојс во Баскија доаѓа на местото од Азиер Сантана, кој го предводеше клубот по отказот на Хагова Арсате, тренер кој победи само еден од последните 10 натпревари, со елиминација од квалификациите на ЛЕ.
Досегашниот тренерски учинок на Дејвид Мојс:
Манчестер Јунајтед (2013/2014)
- 51 натпревар, 27 победи 9 нерешени и 15 порази
Евертон (2002/2013)
- 516 натпревари, 217 победи 129 нерешени и 160 порази
Престон (1998/2002)
- 234 натпревари, 113 победи 58 нерешени и 63 порази.
Мојс во понеделникот стана 19-от Британец тренер на шпански клуб, а четвртиот на Сосиедад.
Шкотланѓанецот Хери Лоу е шестиот тренер со најмногу натпревари во шпанската лига. Лоу го водел Сосиедад од 1930-та до 1935-та година. На 24-ти марти 1934-та година, 48-годишниот Лоу влегол како играч во натпревар против Валенсија и до денес го држи рекордот како најстар фудбалер во Примера.
Џон Тошак го водеше баскискиот клуб во три наврати. Првиот пат од 1985-та до 1989-та година, кога го освои Кралскиот куп. Потоа беше тренер на Реал Сосиедад и од 1991-1995-та и од 2000-та до 2002-ра. Велшанецот собра 322 натпревари во Ла Лига. Сонародникот на Тошак, Крис Колман пред 7 години го внесе Сосиедад во првата лига, но си замина по 20-то коло поради несогласувања со претседателот Јокин Аперибај.
Дебито на клупата на Реал Сосиедад, Дејвид Мојс ќе го има во Ла Коруња, против Депортиво на 22-ри овој месец. Сосиедад во моментов е на 15-то место со само 9 освоени бода после 11 натпревари.