Дали е Жиру најдобар напаѓач во Премиер?

Откако Жиру даде два гола против Њукасл, Арсен Венгер го испофали францускиот напаѓач и изјави дека тој е најдобриот центарфор во Премиер лигата. За тоа треба да се провери статистиката, која не го промовира Жиру во најдобар голгетер во лигата

Кој дал најмногу голови? На кој му требало најмалку минути за да даде гол? Кој напаѓач е најважен за екипата? Англискиот Скај спортс како критериум поставува најмалку пет голови во Премиер лигата.

Голови
19 - Диего Коста и Хари Кејн
Главната работа на секој напаѓач е да постигнува голови, а во моментов Коста и Кејн имаат по 19, со што се најдобри стрелци во англискиот шампионат. Кејн за кратко се осамостои на врвот по саботниот хет-трик против Лестер, а Коста одговори во неделата против Хал Сити. Два гола зад нив заостанува Серхио Агуеро кој даде 17 погодоци досега.

Минути за гол
92 - Папис Сисе
Оваа категорија најдобро го илустрира она што го изјави Венгер за Жиру. Французинот дава гол на секои 96 минути, а на Кејн од Тотенхем му требаат 98 минути за да даде гол. Сепак, ниту еден шпиц во Премиер лигата не ја користи минутажата подобро од Папис Сисе од Њукасл. Сенегалецот дава гол на секои 92 минути.

Голови постигнати со глава
5 - Дијафра Сако
Уште една категорија во која Оливие Жиру не е водечки. Заедно со Питер Крауч и Хари Кејн, Жиру сезонава даде 4 голови со глава, а прв е Диафра Сако од Вест Хем кој противничките голмани со глава ги матираше дури 5 пати сезонава.

Освоени бодови по нивните голови
22 - Хари Кејн
Потенцијалниот англиски репрезентативец е чист победник во оваа категорија. Кејн е најодговорен за 22 освоени бодови на Тотенхем сезонава. Следен на листата е Папис Сисе после чии голови, Њукасл освоил 11 голови.

Асистенции
6 - Серхио Агуеро
Аргентинецот можеби не е роден за плејмејкер, но покрај 17 голови сезонава, има уште и 6 асистенции. Како резултат на тоа, кога ќе се искомбинираат головите и асистенциите, Агуеро останува најефективниот стрелец во Премиер лигата и покрај водството на Диего Коста и Хари Кејн. Добри асистенти се и Руни, Лукаку и Дени Ингс кои имаат по 4 асистенции зад нивното име досега.

Најмногу истрчани километри
289 - Грацијано Пеле
Можеби нема постигнато толку голови како Диего Коста и Хари Кејн, но придонесот на Пеле во успешната сезона на Саутемптон е голем. Напаѓачот на „Светците" во сезоната 2014/2015 истрчал досега 289 километри, повеќе од било кој друг центарфор. Во оваа категорија се уште и Вејн Руни и Дени Ингс.