Црвена Звезда со шаренолик состав во Лига на шампиони: 16 од 31 играч се странци

Во најава на вечерашниот меч од Лига на шампиони меѓу Интер и Црвена звезда, реномираната Газета дело Спорт потсеќа на некогашниот европски и светски шампион кој беше составен исклучиво од домашни фудбалери од поранешните југословенски простори.

Србија, Јужна Кореа, Африка, Австралија, Израел, Бразил се само некои од земјите од кои доаѓаат фудбалери кои го носат црвено-белиот дрес. Очекувано, затоа што за борба на највисоко ниво, со најголемите клубови на свет во Лига на шампиони е потребен сув квалитет.

Кога се споменува Црвена Звезда во европски рамки, прва асоцијација се Драган Ѓајиќ, Стојковиќ, Дејан Савичевиќ, Панчев, Станковиќ, Михајловиќ.

Во времето кога белградскиот тим палеше и гасеше ширум Европа, големите клубови како Милан, Интер, Рома, Лацио, Олимпик Марсеј се наддаваа во обид да капарисаат некој од големите играчи кои станаа европски и светски шампиони таа 1991-ва.

Денес Црвена звезда, која е апсолутен лидер во домашната Супер Лига во Србија со 8 победи и 1 нерешена (гол разлика 27:5) е сосема поинаква. Со многу странци во тимот.

Тренерот Владан Милојевиќ смета на 31 фудбалер од кои дури 16 се странци, останатите се Срби. Интересно, нема еден „национален“ блок од некоја земја, туку прави интернационално шаренило.

Голманот Омри Глазер е од Израел, десен бек е Кореецот Сеол, во среден ред има фудбалери од Буркина Фасо, Ангола, Габон, Гвинеја Бисао и Конго, а во нападот има играчи од Бразил и Сенегал. 

Во 2. коло од новата сезона на Лига на шампиони со нов формат, Црвена звезда ќе игра против Интер вечерва од 21:00 часот на „Џузепе Меаца“.

1 октомври 2024 - 15:14