Црна 2014-та од навивачки аспект

Во изминатата година, ултрасите не береа многу гајле, освен добро да се истепаат, па така инциденти имаше од Рим до Париз, преку Истанбул и Киев, до Мадрид, Скопје и Битола.

ПЕЛИСТЕР - ВАРДАР (4. август 2014 година)

Со почетокот на македонското фудбалско првенство, дојде и првото овосезонско дерби меѓу Пелистер и Вардар, во Битола на 3. август. Скопјани триумфираа со 0:1, но случувањата на трибините го засенија вечното дерби. По експлозија на полициска шок бомба во гостинскиот сектор, еден навивач на Вардар беше тешко повреден, а неколку Комити беа полесно повредени. По овој настан, на следното дерби кое се одигра во Ѓорче Петров, Комити и Чкембари заедно навиваа, како солидарност во борбата против полициската репресија, како што наведоа подоцна.

БАСТИЈА - МАРСЕЈ (10. август 2014)

Неславен почеток имаше и француската лига. Големи нереди го одбележаа првото коло и натпреварот меѓу Бастија и Марсеј, средба која неколку пати се прекинуваше поради големи инциденти меѓу ривалските групи на трибините.

КАБИЛЕ - УСМ АЛЖЕР (23. август 2014)

Насилства на фудбалски натпревар имаше и на другата страна од светот, во Алжир, каде трагедија се случи на дуелот меѓу Кабиле и УСМ Алжире. На крајот од првото полувреме, навивач на домашниот тим го погоди со камен во глава Камерунецот Алберт Ебосе, кој истата вечер почина во болница.

ИРОДОТОС - ЕТНИКОС (14. септември 2014)

Животот на фудбалски натпревар го загуби и Костас Кацулис, 46-годишен навивач на грчкиот третолигаш Етникос. На средбата против Иродотос, домашните и гостинските навивачи се степале во второто полувреме, а поголема група хулигани на Иродотос тешко го повредиле Кацулис, кој две недели подоцна почина во една атинска клиника.

РОМА - ЦСКА МОСКВА (17. септември 2014)

И покрај милионите потрошени на акции за стопирање на насилството и расизмот, УЕФА и минатата есен имаше проблем со хулиганите. Првиот дел од сезоната во ЛШ го „одбележаа“ навивачите на руски ЦСКА, кои во Рим се степаа со полицијата и со редарите на Олимпико.


СРБИЈА - АЛБАНИЈА (11. октомври 2014)

Квалификацискиот дуел донесе тензија уште откако двете селекции беа извлечени на баражот во иста група. Во 42. минута од средбата на ЈНА во Белград, во воздухот се појави дрон на кој лебдеше знаме со мапата на тн. голема Албанија. Во тој момент настана општ хаос на теренот, во кој не се знаеше кој кого удира. УЕФА подоцна ги казни двете репрезентации.

 

ХРВАТСКА - БУГАРИЈА (12. октомври 2014)

Уште една балканска средба не помина мирно. Квалификацискиот натпревар во Софија помина со многу нереди пред, за време и после дуелот меѓу Бугарија и Хрватска.

 

РАБОТНИЧКИ - МЗТ СКОПЈЕ (4. ноември 2014)

Најголемото скопско дерби своја увертира имаше вечерта пред натпреварот во Градски Парк. Навивачи на аеродромскиот клуб упаднаа во салата на Работнички, каде домашните навивачи подготвуваа кореографија за дербито наредниот ден. На крајот, Фемили Аеродром го однесе со себе главното знаме за кореографија на Сити Парк Бојс. Ниту следниот ден не беше подобар, затоа што натпреварот се прекина при високо водство на Работнички, поради предмети фрлани на теренот.

ГАЛАТАСАРАЈ - ЦРВЕНА ЗВЕЗДА (21. ноември 2014)

Освен на фудбалските, трагедија имаше и околу кошаркарските терени. Дуелот меѓу Галатасарај и Црвена Звезда во евролигашката група ќе остане запаметен по бруталното убиство на српскиот навивач Марко Ивковиќ, кој почина во Истанбул, откако беше прободен со нож во срцето.

АТЛЕТИКО МАДРИД - ДЕПОРТИВО (30. ноември 2014)

Нередите покрај реката Манзанарес доведоа до уште една човечка жртва поради фудбалско ривалство. Рано изутрина во недела на 30. ноември, навивачите на Депортиво пристигнаа од Ла Коруња во Мадрид и веднаш по пристигнувањето се судрија со ултрасите на Атлетико Мадрид. Во тепачките животот го загуби Франциско Хозе Ромеро (43), кој бил фрлен во реката Манзанарес со сериозни повреди на главата.