Чиле го крена пехарот, Меси пушти солзи и ја напушти репрезентацијата

Репризата од ланското финале на Копа Америка повторно им припадна на Чилеанците кои одново беа подобри од белата точка. Проклетството на Аргентина продолжува, но овој пат остануваат послаби без Меси кој на само 29 години реши да и стави крај на репрезентативната кариера.

Чиле две години по ред ја слави Копа Америка и тоа две години против силната Аргентина. Лани 4:1 на пенали по регуларните 0:0, овој пат по истиот резултат во 90-те минути, 4:2 од белата точка. Меси и Биља ги промашија пеналите, Маскерано и Агуеро беа прецизни. За Чиле промаши само Видал, а потоа сите четворица до крајот беа прецизни.

Селекцијата на Аргентина е во црна серија од 23 години без трофеј. Во ова издание на Копа Америка беа фаворити, особено по раната елиминација на Бразил и Уругвај, синоќа статистиката беше на нивна страна, 18:4 во удари кон гол, но проклетството продолжува. Три загубени финалиња во последниве три години. СП 2014, Копа Америка 2015, Копа Америка 2016.

Веројатно најнеочекуваниот момент по синоќешното финале на стадионот Мет Лајф во Њу Џерси каде имаше 82.016 гледачи беше изјавата на Лионел Меси кој заплака и изјави дека се повлекува од репрезентација.

„Одлуката е донесена. Направив сè за да освојам нешто, но не успеав, моето време со Аргентина заврши“.

Петкратниот освојувач на Златната топка не успеа со Аргентина на 5 големи натпреварувања. Мундијал 2010, Копа Америка 2011, Мундијал 2014, Копа Америка и Копа Америка 2016. Единствени успеси му се оние со младинските селекции. Освојувањето на Светското првенство во 2005-та за играчи до 20 години и златниот медал на Олимпијадата 2008-ма.

Пеналите

Одбраната на Клаудио Браво

Солзите на Меси

Изјавата по мечот

27 јуни 2016 - 08:59