Чичо кога брани, брани, не се зафркава

Салваторе Настази има 58 години и е најголем хит во италијанскиот нисколигашки фудбал. На 24-ти март Настази ќе полни 59 години. Брани за нисколигашот Торегрота (Прва категорија на Сицилија). На мечот со Чита ди Галати кој завршил 2-2, чичко Салвато бранел како Буфон во најдобри денови.

Ако за Јапонецот Казујоши Миура можеа да се напишат стотици наслови, како играч кој од Јокохама во Јапонија отиде на позајмица во португалски Оливеренсе на 55 години, тогаш за Салваторе Настази треба да има филм.

„Се будам секое утро околу 6:15. Завршувам со работа како механичар во 17 часот, се туширам и три пати неделно одам на терен да тренирам. Без промашување го правам ова“, вели Салваторе Настази за својата рутина.

„Втор голман сум во екипата. Минатата година бев прв голман но се повредив и одиграв само три четвртини од првенството. Радоста е голема што се пласиравме во погорна лига“.

За неговата долговечност на голот вели:

„Тренирам секогаш: трчам, шутирам, здраво се хранам, не пијам и не пушам. Како се мотивирам да бранам уште? Од желбата да истрчам на терен, не сакам да престанам зошто уживам. Се надевам дека мојата приказна ќе му послужи на некое дете да го засака и заживее здравиот спорт, исполнет од страст и забава. Понекојпат знам да направам некој кикс, но тоа е тоа. Најубавите работи се токму тие, да успееш да се вратиш“.

9 февруари 2023 - 10:07