Четврта куп титула во серија за Пандев

Горан Пандев е претплатен на пехарите од италијанскиот куп. По триумфот со Лацио во 2009-та и пехарите со Интер во 2010-та и 2011-та, Пандев и во 2012-та година со екипата на Наполи го освои Купот на Италија.

Наполи го откри рецептот за освојување на италијанскиот куп. Го најмија специјалистот за ова натпреварување, Горан Пандев и триумфираа во купот по пауза од 25 години.

Фудбалерите на Наполи имаа фуриозен старт и две шанси на почетокот преку Зунига и Лавеци, а првата закана Јувентус ја имаше во 18-та минута преку Маркисио.

На првото големо возбудување се чекаше цел час кога Сторари го собори Лавеци во шестнаесетникот и судијата покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна меше Кавани.

Пандев влезе во игра во 72-та минута, а во 83-та минута беше еден од најзаслужните за заверката на триумфот на Наполи. При еден брз напад тој одлично му асистираше на Марек Хамшик кој рутински го совлада Сторари.

Ова беше прв пораз на Јувентус оваа сезона, а со тоа тие ја пропуштија шансата за освојување на дуплата круна во Италија. Легендата на клубот, Алесандро Дел Пјеро го одигра својот последен натпревар за Јувентус.

20 мај 2012 - 23:15