Роман Абрамович ја колонизираше фудбалска Европа. Покрај Куадрадо, Салах, Ван Хинкел и Пашалиќ, Челси на позајмица има пратено многу играчи на различни позиции и од различни националности.
Летово низ Европа Челси прати 33 фудбалери на позајмица. Луда бројка, што сама по себе зборува за најчесто нелогичниот трансфер пазар на актуелниот шампион на Англија. Со 33 играчи на позајмица, Мурињо комотно може да состави три различни тима.
Освен Квадрадо и Салах, во Серија А Челси ги позајми и Чалобах во Наполи, Стипе Перица во Удинезе и Валас во Карпи. По авантурата во Милан, Ван Хинкел ќе почне нова позајмица, во Стоук. Најпозната филијала на клубот од Стемфорд Бриџ е холандскиот Витесе, каде Челси има најмногу играчи на позајмица.
Сличен проект кој одлично функционира има и претседателот на Удинезе, Поцо. Тимот од Удине има одлична скаутинг служба и 2 екипи-сателити (Гранада и Ватфорд) каде често се калат младите играчи кои потоа спремни се враќаат во Удинезе.
Ваквиот начин на работа има неколку предности. Фудбалерите кои одат на позајмица, или ќе стекнат искуство за првиот тим на Челси или ќе бидат продадени по одлична цена за клубот. Така Челси го купи Лукаку за 18 а го продаде за 36 милиони евра, Де Брујне го доведе за 8 а го продаде за 20.