Челси го кани навредениот Парижанец на Стемфорд Бриџ

По скандалозното видео од париското метро, на кое навивачи на Челси не пуштаат црн човек да влезе во метрото и пеат дека се горди што се расисти, се огласи и Жозе Мурињо и клубот.

Во името на клубот и претседателот Абрамович, Мурињо изјави дека се срами од одвратниот гест, за кој осуда имаа сите спортски работници и премиерот на Британија, Дејвид Камерон.
 
Челси успеал да ја најде жртвата на расистичкиот напад, извесен Сулејман С кој вчера дал интервју за еден париски весник и го поканил заедно со семејството да присуствува на реваншот меѓу Челси и ПСЖ на 11 март.
„Ужаснати сме од тоа што го видовме. Клубот би сакал безрезервно да му се извини на Сулејман поради однесувањето на мала група идиоти, за кои веруваме дека ќе одговораат на суд“, изјави Стив Аткинс, портпаролот на Челси.
Во исто време, Аткинс ги осуди и сите оние кои се повикуваат на Џон Тери во нивните расистички испади. Капитенот на Челси беше обвинет и условно осуден поради тоа што во октомври 2011. година на Лофтус Роуд во Лондон го навредувал Антон Фердинанд, брат на попознатиот Рио Фердинанд.
 
Тери доби и парична казна од 220.000 фунти и суспензија од четири натпревари. На прашањето што мисли за жртвата на расистичкиот напад, Мурињо на денешниот прес изјави:
„Во моментов, тој можеби има погрешно мислење за тоа каков клуб е Челси. Не знам дали господинот сака фудбал, но сигурен сум дека би сакал да види дека тие мизерни луѓе што го нападнаа вербално немаат никаква врска со Челси. Тие не се Челси“, констатираше Жозе Мурињо.
Челси во сабота игра против Барнли во Премиер лигата, а во моментов е прв со седум бодови предност во однос на Манчестер Сити.
 
Видеото со расистичкиот испад во Париз: