Буфон пред 22 години освои Куп на Италија со гол на Енрико Кјеза, сега Куп на Италија со гол на син му на Кјеза

Јувентус со 2-1 ја совлада Аталанта во финалето на Купот на Италија а легендарниот Џиџи Буфон го освои најверојатно последниот трофеј во својата енормно богата кариера, исполнета со рекорди.

Трофејот на Јувентус со гол за 2-1 му го донесе Федерико Кјеза, во моментов можеби најдобар италијански фудбалер.

Интересно, како право сценарио за филм, пред 22 години Џанлуиџи Буфон во мај 1999-та година со татко му на Кјеза, центарфорот Енрико, ги освои Куп на Италија и Куп УЕФА - првите пехари на Џиџи во кариерата. 

БУФОН МНОГУ СЕ ДРУЖЕЛ СО КЈЕЗА-ПОСТАРИОТ КОЈ БЕШЕ ИЗБРАН ЗА ИГРАЧ НА ГОДИНАТА ВО СЕРИЈА А ВО ВРЕМЕ НА БАЏО И БАТИСТУТА

„Федерико не наследил ништо освен цртите на лицето и стилот на трчање. Таткото и синот Кјеза се различни во играта“, рекол еднаш Марко Тардели, а така зборувале и други кои играле со Кјеза-постариот.

Енрико не беше наелектризиран крилен спринтер каков што денес е син му кој важи за најдобар италијански фудбалер.

Во средината на '90-те години бројот 10 беше светост. Тренерите експериментираа со десетките во улога на шпиц и полушпиц. Енрико Кјеза беше нешто помеѓу и на почеток никако не се снашол во традиционалните улоги па во првите години од кариерата не давал голови ниту во Серија Ц.

Тој стана еден од првите чисти втори напаѓачи. Не бараше топка како класичните 10-ки, туку со неговите инстинкти за влез во зона меѓу линии заигра во уникатна улога на пола крило-пола деветка.

Брзината и силниот шут му беа најдобри карактеристики. На крајот од '90-те години Џиџи Буфон го стави Енрико Кјеза во топ3 најдобри финишери на светот.

„Кјеза е мој другар, ама ме плаши. Има луда брзина, решава брзо и шутира за дел од секунда па голманот просто нема време да сфати дека топката веќе пролетала. Кога е во форма, неговите шутеви се неодбранливи дури и на тренинг“.

А самиот Енрико Кјеза еднаш признал: „Искрено меѓу шут и дриблинг, секогаш го бирам првото. Обожавам да шутирам. Кога станав тренер ги предизвикував младите. На крајот од тренинг ставав 30 топки како за слободен удар и им предлагав дуел на голманите. Тој што ќе изгуби прави склекови. Верувајте скоро никогаш не правев склекови“.

Во сезоната 1995/1996 Енрико Кјеза го нарекоа играч на годината во Италија. Во 1996-та премина во Парма и две години по ред даваше повеќе голови дури и од еден Креспо. Интер сонуваше за тандем Кјеза-Роналдо, а Јувентус сакал да го спои со Анри. Но Енрико Кјеза остана дел од големиот проект на Парма.

ЕКИПАТА НА МАЛЕЗАНИ БЕШЕ УНИКАТНА, БУФОН И КЈЕЗА НЕ БЕА ЕДИНСТВЕНИ ЅВЕЗДИ

Парма во '90-те години беше топ клуб финансиран од гигантот Parmalat, водечка млечна корпорација во светот во тоа време. Иако клубот немаше забележани успеси во минатото а наеднаш со многу пари собра силна екипа, никогаш не предизвика негативни реакции меѓу навивачите кои сакаат симпатични провинциски клубови.

Парма беше токму тоа. 

Во летото 1998-ма година претседателот на Парма Стефано Танци изјавил: „Нам не ни треба само скудето, туку и убава игра“. За такво нешто го викнаа Алберто Малезани, тренерот на Фиорентина кој беше Маурицио Сари на своето време (напуштил канцелариска работа поради фудбал, многу мразел дрес-код и имаше еден куп бурни прес-конференции).

Во тимот беа: Буфон, Канаваро, Турам, Сенсини, Богосјан, Дино Баџо, Фузер, Ваноли, Верон, Кјеза, Креспо, Асприља, Абел Балбо и други.

Екипа составена од многу големи ѕвезди но никој никогаш не се скарал меѓу себе. Младиот тим живееше на иста бранова должина.

Буфон одел на вечери кај Кјеза, Асприља правел луди забави со полна куќа, Сартор се вртел околу земјоделие па дваесетина години подицна го фатија како одгледува марихуана и го затворија. Креспо секогаш носел листа со должници кои треба да частат, па еднаш Асприља го зел листот го голтнал и рекол: „Тоа е тоа, сега никој ништо не е должен“.

На 5 мај 1999-та Парма го освои вредниот пехар во Купот на Италија - прв трофеј после четири години. А само една недела подоцна го освоија и Купот на УЕФА кој до денешен ден остана единствена европска титула во кариерата на Буфон.

Но главен херој во тие славни денови не беше Џиџи, туку Енрико Кјеза, човекот кој се погрижи Парма да стигне до финале.

КЈЕЗА РАСТУРИ СО 8 ГОЛА НА 8 МЕЧА ВО УЕФА, А БЛЕСНА И ВО ФИНАЛЕТО ВО МОСКВА

И покрај тоа што тренерот Малезани инсистирал на колективна, тимска игра, Парма често во тој период победуваше и благодарение на индивидуализам.

Во Куп на УЕФА главни јунаци станаа Верон и Кјеза.

Аргентинецот ги почнуваше нападите и со маестрални додавања го проигруваше Кјеза кој ги претвараше асистенциите во гол.

Во втората рунда на Куп на УЕФА, Енрико Кјеза постигна гол против Висла на гости, погодок без кој Парма ќе испаднеше. Во 1/16 финале имаше гол и асистенција на реваншот со Ренџерс, во полуфинале постигна 3 гола од 5 против Атлетико Мадрид.

Во финалето ги чекаше силниот Марсеј со Пирес, Фабрицио Раванели и Лоран Блан.

„Ова е мое прво финале во еврокуп. Веќе три години играм во прв тим, но до сезонава ништо не освоив и почнав да сомневам во себе. Сите зборуваат дека сум прав шампион, феномен, а јас не сум освоил ништо. Се замислувам дали проблемот е во мене. Можеби јас сум малер? Кој знае. Ама СЕГА веќе освоивме Куп на Италија и сега ми треба Купот на УЕФА.

 

Атмосферата пред секој меч беше како големо финале. Тренерот на Марсеј, Ролан Курбис јавно го обвини Верон дека се допингува, а Аргентинецот одговорил дека тренерот на Марсеј го прави тоа.

Канаваро на едно видео од хотелот во Москва пред финалето со Олимпик Марсеј вели: „Гледајте на што сме спремни за Купот на УЕФА. Имам 25 години а докторите ме убиваат“.

Финалето на Куп на УЕФА ширум Италија го гледале 8 милиони луѓе и никој од нив не зажалил. Буфон не прими ниту еден гол, а Парма го згроми Марсеј со 3-0, (два гола дадоа уште во прво полувреме) и го освои драгоцениот пехар.

После мечот Џиџи Буфон рекол:

„Неделава го освоив првиот трофеј во кариерата. Конечно можам да кажам дека освоив нешто. Сега ми требаат титули во Серија А и Лига на шампиони. Парма е кадарна за тоа“.

Но „млекарите“ не успеаа. Наскоро се испостави дека финансиите на клубот биле на товар на големи кредити, започнала криза и Парма почна распродажба. Заминаа Кјеза и Верон а потоа и Буфон. Џанлуиџи освои 30 трофеи но не му се исполни сонот да го крене пехарот во Лига на шампиони.

На 19 мај 2021 година со синот на Енрико Кјеза, Федерико го освои Купот на Италија и тоа благодарение токму на Кјеза-јуниор. Како некогаш во Москва благодарение на Кјеза-постариот. 

20 мај 2021 - 08:57