Буџетот за Мундијалот во Русија пократок за 560 милиони долари

Изградбата на стадионите ќе продолжи, но буџетот за планираната изградба на хотели и сместувачки капацитет ќе се намали за половина милијарди долари.

Руската влада и официјално ги намалува трошоците за потребите на СП во фудбал 2018. година, така што буџетот е скратен за 560 милиони долари. Кратењето на буџетот се однесува за проектите за изградба на хотели.
 
Одлуката ја потпишал премиерот Димитри Медведев, така што актуелниот буџет за инфраструктурни проекти изнесува 631,5 милијарди рубљи (11,8 милијарди долари). Најголем дел од буџетот го покрива владата, која за Мундијалот одвојува 335 милијарди рубљи (6,25 милијарди долари).
 
Во договор со ФИФА, Русија веќе испланира да го намали капацитетот на два стадиони кои во моментов имаат 45.000 седишта. Стадионите во Калининград и Јекатеринбург ќе имаат капацитет од 35.000 места што е речиси двојно помалку од сите 12 стадиони домаќини на Мундијалот во Бразил минатото лето.
 
Русија во моментов работи на изградба на 66 бази во 31 град и место каде што ќе бидат сместени репрезентациите учеснички на Светското за 3 години. Кратењето ќе ја стопира изградбата на луксузните хотели, по што од 63 планирани, ќе бидат изградени 38 хотели во Нижњи Новгород, Калининград, Волгоград, Ростов на Дон и Саранс.
23 јуни 2015 - 16:23