Откако опозицискиот активист Алексеј Навални навел листа од 8 лица и ги посочил Роман Абрамович (Челси) и Алишер Усманов (Еветон) како олигарси кои му пружаат најголема помош на рускиот претседател Путин, во британскиот парламент се развила дискусија за санкции ко нив.
Најжестокиот критичар на Владимир Путин, Навални навел дека Абрамович и Усманов (на времето беше акционер во Арсенал, сега го спонзорира Евертон) се главни фигури на руската политика во Западна Европа. Русија се соочува со нови санкции откако повеќе западно-европски земји побараа итно ослободување на Навални кој во 2020-та година едвај преживеа труење.
Поранешната министерка за труд и социјални прашања во Британија, Маргарет Хоџ, како и Лајла Моран од Либерално демократската партија ја повикаа британската влада остро да ги санкционира сопствениците на фудбалските клубови Челси и Евертон.
„Најдобар начин на кој можеме да покажеме поддршка кон Алексеј Навални не е со зборови туку со акција. Навални кажа дека сака меѓународната заедница да покрене санкции против руските клептократи кои живеат надвор од Русија.
Тој ги наведе Абрамович и Усманов кои имаат значителен имот и врски со англиските фудбалски клубови.
Навални на Фејсбук напиша дека санкциите не успеале затоа што Западот не санкционирал луѓе со пари“.
Абрамович и Алишер Усманов се сметаат за најблиски олигарси до Кремљ.
Сопственикот на Челси веќе беше потвргнат на санкции пред неколку години па реши да го стопира проектот за изградба на нов ултра-модерен стадион на „сините“.
Владата на Британија за сега не се огласи по ова прашање, но министрите имаат право да наложат забрани за патување или да замрзнат финансиски сметки на лица кои се вмешани во нарушување на човековите права.
Од друга страна, после скоро децениски молк и работа од сенка, Роман Абрамович за првпат се огласи откако управата на Челси реши да му врачи отказ на Франк Лампард.
За разлика од сите претходни тренери во изминатите години кои заминаа без Русинот јавно да ги поздрави, овојпат Абрамович му се заблагодари на Лампард за се што направил за клубот и му посака среќа во идната работа.