Бразил, Чиле и Перу во борба за ножичките

Пред четири месеци „Гугл" го стави на насловна страна Бразилецот Леодинас Да Силва како прв фудбалер кој го постигнал најакробацискиот гол. Но во приказната се вмешаа и Чиле и Перу кои тврдат дека имаат свои факти за потеклото на ваквиот погодок.

Голот со ножички денеска полни јубилејни 100 години, но тоа е според историјата на Чилеанците кои тврдат дека во јануари 1914 година на свој терен ја виделе првата акробација која потекнува од фудбалерот Рамон Унзага Асла.

Се работело за дете родено во Шпанија во 1894 година кое со своите родители емигрирало во Јужна Америка. Потенцијалот на Рамон прв го забележал тимот на Естрела каде добил шанса да игра во првиот тим на 18 годишна возраст.

По само две години, на стадионот „Ел Морто" за време на една акција тој се ослободил во шеснаесетникот, бил свртен со грб накај голот и кревајќи ги нозете "во небо" постигнал гол.

Публиката била збунета, новинарите во своите извештаи не знаеле како да го крстат потегот и го викале „чилеански шут", но се чини најконфузни биле судиите кои понекогаш одлучувале да го свират како фаул со образложение дека тоа било опасна игра.

Рамон го повторил истиот начин на постигнување гол повеќе пати, но тој не играл само фудбал, туку се занимавал и со пливање, ватерполо и атлетика. Починал млад од срцев удар на само 29 години.

Фудбалската мајсторија потоа ја продолжил Давид Арелано кој настапувал за чилеанскиот тим Коло Коло. Во 1927 година тој со својот тим заминал на турнеја во Европа, а голот со ножички прв пат го извел во Шпанија.

Но и со ова младо талентирано момче се случило трагедија. На натпревар против Ваљадолид тој во судир со противнички играч добил силен удар во стомакот и починал.

За Чилеанците тоа било голем шок кои во тој период загубиле двајца премлади фудбалери кои со нов чудесен начин успевале да ги тресат мрежите. Според некои тврдења Давид бил првиот кој постигнал гол со ножички.

Оваа атрактивно постигнување на гол има и верзија која потекнува од Перу која се верува дека е уште постара и тоа од крајот на 18 век. Во Калајо, најголемото пристаниште во оваа земја почнало да се игра интернационален фудбал со морнари од Англија, Шкотска, Велс, Ирска и од некои африкански земји.

Перуанците тврдат дека токму од овие први фудбалски дружби на нивна територија е постигнат првиот гол со ножички во 1892 или 1894 година, а називот си го дале по свое.

Дел од оваа интересна јужноамериканската нерешена мистерија е и „Црниот дијамант" и еден од најважните играчи во првата половина од 20 век, за кој се смета дека прв го сефтосал овој начин на постигнувње гол на мечот помеѓу неговиот клуб Бонсучесо и Кариока на 24 април 1932 година.

Снимки со првите голови со ножички од пред еден век немаат ниту Чилеанците, ниту морнарите, а ниту Бразилците, но нашата архива денеска е преполна со овие големи атракции кои им успеваат и на наши играчи.

8 јануари 2014 - 19:39