Леонидас Да Силва познат како „Црниот дијамант" е роден на денешен ден во 1913 година и тој ќе остане запаметен како прв фудбалер кој успеал да донесе нешто ново во фудбалот, а тоа е најатрактивниот гол кој денеска им успева на многу играчи, па дури и на нашите.
Првите “ножички“ на Леонидас му успеале на 24 април 1932 година на натпревар помеѓу неговиот клуб Бонсучесо и Кариока. Потегот го повторил и додека настапувал за Сао Паоло на натпревар против Јувентус на кој Бразилците славеле со 8:0, а судијата бил толку збунет што не знаел дали е дозволено такво нешто во фудбалот.
Леонидас кој исто така го носи и прекарот "човек од гума" бил многу елегантен и еластичен играч кој го одбележал фудбалот во Бразил во 30-те години и ќе остане запаметен и како еден од најважните играчи во првата половина од 20 век.
Неговиот деби настап за селекцијата на Бразил му била на 20 години и тоа со два гола. Учествувал на две светски првенства, а на Мундијалот во 1938 година бил најдобар стрелец со 7 постигнати гола и најзаслужен што неговата земја го освоила третото место.
За бразилската репрезентација на 21 настап постигнал 19 голови, а на клупски план најуспешен бил во Фламенго и Сао Паоло каде останал најдолго во кариерата и каде за двете екипи постигнал по 140 голови.
По пензионирањето легендарниот Бразилец не се снашол во тренерскиот занает и почнал да работи како спортски коментатор на радио. Починал на 91 годишна возраст на 24 јануари 2004 година.