Џабе се извинуваш, штетата на Олд Трафорд е направена

Директорот на компанијата која што ја заборавила „бомбата“ ја признал грешката за тоталното фијаско на Олд Трафорд, само нејасно е сега кој ќе ги сноси настанатите трошоци.

Во неделата мечот меѓу Манчестер Јунајтед и Борнмут се одложи поради дојава за бомба во еден од тоалетите на трибините.
 
За инцидентот се огласи и Кристофер Рид, шефот на компанијата „Security Search Managment and Solutions Ltd“ кој изјави дека грешката е потполно негова и додаде дека е свесен дека извинување во случајов не е доволно.
 
Компанијата која што ја води Рид во средата на Олд Трафорд изведувала вежби за обезбедување и анти-терористички мерки, а една од лажните бомби како макета е оставена во тоалетот. Шефот вели дека тој лично заборавил да ја тргне таа „бомба“ од тоалетот затоа што во торбата после вежбите имал иста таква.
 
Член на обезбедувањето на стадионот непосредно пред почетокот на неделниот дуел Манчестер Јунајтед - Борнмут ја нашол направата, поверувал дека е права и ја известил полицијата која што набрзо го евакуирала целиот стадион со капацитет од 75.635 места. Дуелот е одложен.
 
Набрзо специјални единици на војската извршиле контрола на целиот стадион. Целосните трошоци поради откажување на дуелот изнесуваат цели 3,8 милиони евра, а тука спаѓа и рефундирање на цените на влезници за навивачите кои вечерва од 21 не можат да дојдат на репризта на мечот. Сепак, дел од навивачите не сакаат да дојдат на вечерашниот меч, секој од разни причини и клубот сега бара начин како да го изведе рефундирањето.
 
Поголема штета им е нанесена и на Црвените ѓаволи кои веќе во сабота ги чека мечот на сезоната, финалето на ФА Купот на Вембли против Кристал Палас, но поради лажната „бомба“ сега ќе имаат два дена помалку за одмор.
 
Средбата 38. коло на Премиер лигата се игра вечерва на Олд Трафорд со почеток од 21:00 часот.