По ремито против Монпеље и скоро едномесечната пауза, продолжуваат возбудувањата во ракометната Лига на шампиони. Петтото коло против силниот Веспрем кој се наоѓа на челната позиција со само бод повеќе, на Вардар со победа му го носи првото место во групата Ц.
„Играме против Веспрем , кој е еден од најдобрите тимови во Европа, долгогодишен учесник во Лигата на шампионите, минатата сезона учествуваше и на фајналфор турнирот во Келн. Тие се на првата позиција во групата, но доколку победиме ние ќе бидеме на чело на групата. Мора да одиграме подобар натпревар од оној со Рајн Некар. Очекувам многу динамичен меч. Веспрем има добра одбрана и добар голман, а во нападот го имаат и еден од најдобрите плејмејкери во светот Чема Родригез, од кој доаѓа голема опасност“ изјави тренерот Раул Гонзалес.
Победа и прво место во групата за полесен противник во следната фаза, смета дека е од голема полза и Немања Прибак
„За нас ова е најважен натпревар во овој дел од сезоната. Веспрем веќе 10-15 години игра во завршницата во ЛШ. Секогаш имале добра екипа, но никогаш како сега. Играат добро од стартот на сезоната, имаат добар тренер играат добра одбрана и навистина се една сјајна екипа. За нас овој натпревар е многу важен, иако сме уморни од патувањето во Белорусија, но ова е шансата да го преземеме првото место во групата“, вели македонскиот репрезентативец.
Шпекулациите за тоа дека Лука Циндриќ од Металург ќе премине во Вардар, Раул Гонзалес ги коментираше кусо: „Јас не знам“.