Битка на која Јужна Америка чека 58 години

Во сабота од 21 по наше време ќе се бие судир на титаните во јужно-американскиот фудбал. Ова Superclásico низ историјата донело сè и сешто, но финале на Копа Либертадорес никогаш. Затоа овој двомеч ќе биде најмераклиски.

Во Аргентина 2% од населението се протестанти, уште 2% се муслимани, 92% се католици а 100% се верници на фудбалската религија. Во многу анкети околу 90% од испитаниците во Аргентина признале дека постојано го следат својот клуб.

Е таму, во главниот град на Аргентина, во сабота ќе се одигра првата од двете историски битки во финалето на Копа Либертадорес: за првпат меѓу себе во борба за највредниот пехар во Јужна Америка ќе се борат Бока Јуниорс и Ривер Плејт. Во сабота од 21.00 по Средно-европско време Бока е домаќин на „Бомбонера“ а на 24 ноември после две недели се игра реванш на „Монументал“.

****

Фрлен солзавец во тунелот за играчите, надувана свиња како лебди пред гостинските навивачи, Карлос Тевез исклучен од игра поради имитирање кокошка...

Ова се само некои од анегдотите на Superclásico, дерби кое често имало и трагичен епилог.

Стадионите, обата избледени и прокиснати од историја, се наоѓаат на 12 километри еден од друг но гостински навивачи нема да има ниту на двата меча, како што нема уште од 2012 година кога избија сериозни инциденти откако поклониците на Ривер лансираа едно огромно надувано прасе во дресот на Бока - причина навивачите на овој клуб кои стоеле на горната трибина, физички да ги нападнат редарите.

Прекарот на навивачите и општо симпатизерите на Бока е “los bosteros” (bosta значи гној, свински отпад кој се користел во цигланите во реонот каде е седиштето на Бока Јуниорс), а така ги завикале и поради несносната реа која доаѓа од реката Риакуејо зад нивниот стадион. Овој термин има и повеќе други значења а најчесто е поврзан со криминалните гета и бастиони на работничката класа. 

Навивачите на Ривер се исмеваат со ривалите од Бока

Од тој момент постои забрана за гостувања во Аргентина, одлука која во август годинава се ублажи за другите клубови освен за големата петка на аргентинскиот фудбал која нема дозвола да води навивачи на гостувања.

Бока и Ривер во Либертадорес имаат неколку меѓусебни средби од кои најмногу се паметат: осминафиналето во 2004 и 16-финалето во 2015.

Пред 14 години во борба за пласман во четвртфинале на Либертадорес, Бока го добила првиот меч со 1-0 а на овој натпревар Марсело Гаљардо кој во моментов е тренер на Ривер бил исклучен заедно со Раул Алфредо Каскини од Бока.

На реваншот Бока останала со играч помалку по само 20 секунди од стартот на вториот дел а Лучо Гонзалес набрзо дал гол за израмнување на вкупниот резултат - момент кој го запалил барутот.

Рубенс Самбуеза од Ривер добил црвен а ова ги збеснало тогашниот тренер Лео Астрада, неговиот помошник и физиотерапевтот на екипата кои биле избркани. Ривер веќе ги искористил сите три измени, па повредениот Рикардо Рохас немало кој да го замени и Ривер ја продолжил битката со девет играчи на теренот.

Како резултат на тоа Карлос Тевез на четири минути пред крајот од мечот постигнал ефектен гол за 1-1 но добил и црвен картон откако го соблекол дресот и имитирал кокошка со рацете на страна. Кокошка како алузија на прекарот на навивачите на Ривер los gallinas (кокошките) - прекар кој го добиле во 1966 годна кога навивачи на Банфилд им фрлиле жива кокошка на терен за да ги омаловажуваат после поразот од 2-0 од Пењарол во финалето на Копа Либертадорес.

И кога сè изгледало готово, бекот Кристијан Насути во последните секунди начекува една одбиена топка и дава гол за 2-1 и пенали (во Конмебол тогаш не важело правилото на гостински гол).

По огромното славје Бока како испразнета да го одигра финалето и изгуби од колумбискиот Онсе Калдас.

****

14 години подоцна, Ривер Плејт е среќно во финалето на Копа Либертадорес откако во полуфиналето првиот меч го загуби дома од Гремио 0-1 за да во реваншот слави 1-2 после пресврт, од сомнителен пенал во 94’ минута.

Тренерот на Ривер, Гаљардо уште на првиот меч бил исклучен поради тоа што подоцна ги пуштил неговите играчи на терен, а во реваншот се замаскирал и влегол во соблекувалната да ги советува играчите. Иако Бразилците на големо се жалеле за овој пропуст и барале службена победа, КОНМЕБОЛ ги одбил нивните барања под изговор дека Гаљардо не е фудбалер туку тренер па се решиле за парична казна до Ривер од 50.000 долари.

Деновиве Аргентина и Буенос Аирес дишат за овој мега-спектакл за кој се огласил и претседателот на државата Маурисио Макри, некогашен прв човек на Бока (од 1995 до 2007) кој побарал од безбедносните служби да обезбедат присуство на гостински навивачи за да му се покаже на светот дека и тие може еднаш да организираат ваков меч без сериозни проблеми.

Но од службите а и од двата клуба добил одговор дека за такво нешто уште не се стекнати услови.

Бока Јуниорс ќе оди по рекордната седма титула во Копа Либертадорес (толку има само уште Индепендиенте), а Ривер ќе се бори за четвртата јужно-американска круна која последен пат ја освои во 2015.