Барселона поминува низ многу турбулентен период. Клубот должи повеќе од 1 милијарда евра по разни основи, најголемата икона замина од „Камп Ноу“ и си најде нов клуб, а резултатите на старт на сезоната беа слаби.
Барса го пречека Леванте на домашен терен по дебаклот (0:3) од Баерн Минхен во Лига на шампиони, нерешената со Гранада и Кадиз, 7-мо место на табела со само 8 гола на пет меча (најслаба ефикасност уште од 2003-та).
Минатата година младиот центарфор на Барса Ансумане Фати урна неколку рекорди кои почнуваат со „најмладиот“. Но во ноември доживеа многу сериозна поврда - скинат менискус која го одалечи цели 323 дена или повеќе од 10 месеци од теренот.
На крај конечно се врати во игра, а тренерот Куман го стави на мечот со Леванте во 81’ минута. Уште при првите пар контакти 18-годишниот Фати успеа да го постигне првиот гол во сезоната.
Тргна брзо во напад и го совлада голманот:
Фати има многу голема одговорност затоа што управата реши да му ја додели 10-та која повеќе од 20 години му припаѓаше на најголемиот фудбалер во историјата според многумина - Лионел Меси.
Прво бројот 10 му го предложија на Бразилецот Кутињо но тој одбил поради голем притисок. Ансу рекол дека ќе го земе бројот 10 само ако капитенот Бускетц нема ништо против.
Сега малиот Ансумане влезе на терен во финишот при резултат 2-0, во комфорна ситуација и брзо го даде својот прв гол во сезоната. Го прослави прво со играчите, а после со докторот на Барселона кој му помогнал во претходните 323 дена да се опорави.
Познатиот шпански новинар Гиљем Балаге раскажа дека Ансу им ветил на роднините кои го гледале од трибините дека ќе даде гол ако макар 15 минути се најде на теренот и си го одржал зборот. Родителите на трибините заплакале од среќа што најталентираниот играч на Барса конечно по незгодната повреда им се врати на головите.
Фати изјавил и дека голот му го посветил на брат му Манолито зошто него прв го видел горе меѓу навивачите.
Фати имал два шута, едно клучно додавање, еден успешен дриблинг и еден центаршут.
„Не можев ни да замислам што моето враќање вака ќе се заврши. Им благодарам на докторите. Се трудам да и помогнам на екипата и да играм таму каде што треба. Ќе видиме како ќе се чувствувам но сега треба да се изборам за играчко време. Ние сме Барселона. Се бориме за титула во Ла Лига, сакаме да победиме и во Лига на шампиони. Ќе се бориме за титула во сите натпреварувања во кои учествуваме“, изјавил Фати.
Враќањето на Фати ќе ја освежи екипата. Роналд Куман реши сите карти да ги фрли на многу млади фудбалери па против Леванте од стартот играа: во одбрана Оскар Мингеза (22 години), Ерик Гарсија (20 години), во среден ред 17-годишниот Гави и 19-годишниот Нико Гонзалес а од клупата се појавија и уште Рики Пуч (22), Јусуф Демир (18) и Роналд Араухо (22).
Фати е најголема ѕвезда меѓу младите фудбалери. Тој веќе го продолжи договорот со клубот кога менаџер му беше Родриго Меси, братот на Лионел. Сега има друг агент - најпознатиот светски менаџер Хорхе Мендеш.
Барса славеше 3:0 со головите на Лук Де Јонг, Мемфис Депај и Ансу Фати. Иако звучи чудно, Барса во 6. кола и покрај слабите резултати се уште нема пораз (гол разлика 11:7) и со 12 бода заостанува 5 зад лидерот Реал Мадрид кој има 5-2-0 (21 гол даден и 8 примени).