Би поверувале дека Баерн Минхен бил некогаш елиминиран од Норич?

Да и тоа се има случено. Германскиот гигант кој пред 10 години настрада од Пандев во ЛШ, загуби од Норич во Купот на УЕФА, ама не баш скоро, туку во времето кога Панчев играше за Интер.

Интересно ретро е ова, а се случува на денешен ден пред точно 27 години кога еден Баерн Минхен се соочува со елиминација од Норич. Ама во Куп на УЕФА каде се пласирал како втор во првенство, а Норич како трет.

Немало тогаш толку отворени места во ЛШ каде играле само шампионите. Во Бундес таа сезона прв бил Вердер кој на Баварците на крај им избегал само 1 бод.

Зборуваме за сезоната каде двете клупски европски натпреварувања ги освоија екипите од Милано. Во Атина Милан ја прегази Барселона 4:0 со оној славен лоб на Савичевиќ, а една недела претходно Интер на Меаца славеше против Австрија Салцбург 1:0, истиот резултат со кој на првиот меч го победи на гости.

Инаку тогаш член на Интер беше Дарко Панчев, ама баш сега проверивме од љубопитност, го немало во состав на ниту еден меч, со тоа што во јануари го дадоа на позајмица во Лајпциг. Тоа значи дека можел да игра само во првите три кола, но не и во нокаут фаза кога веќе заминал за Германија.

Во Купот на УЕФА тогаш не постоела групна фаза, туку после првите три кола се играло четвртфинале. Какви само резултати имало тогаш, чудно од оваа дистанца кога човек ќе прочита кој кого успеал да елиминира.

Во второ коло Атлетико Мадрид е елиминиран од ОФИ Крете од Грција, клубот кој пред шест години го водеше Гатузо. Днипро го елиминирал Ајнтрахт Франкфурт, а Боависта го исфрлил Лацио. А пазете ова, во четвртфинале Каљари со вкупни 3:1 го решил Јуве кој тогаш ги имал Перуци, Конте, Ди Ливио, Дел Пјеро, Баџо...

Стрелци број 1 таа сезона завршиле Денис Бергкамп кој Интер го купи од Интер и Едгар Шмит од Карлсрухер.

Но оваа статија која не е за нив и која не натера да прогугламе нешто повеќе за тие времиња е за елиминацијата на Баерн Минхен од Норич со вкупни 2:3.

На гости ги добиле 1:2, а потоа дома 1:1. Голот во Англија за делириум. Стрелец Џереми Гос Од Велс.

 

3 ноември 2020 - 15:31