Бензема излезе во стилот на неговиот идол Тупак, на сцена ја викна и мајка му

„Јас имав три мечти: да ѝ купам стан на мама, да заиграм за Реал Мадрид и да освојам Златна топка“, изјави Карим Бензема кој апсолутно заслужено ја доби наградата за најдобар играч на светот за минатата сезона. До него на сцена беше мајка му Малика а потоа и татко му Хафиз и синот Ибрахим.

МАЈКА МУ Е НЕГОВ НАЈГОЛЕМ ЈУНАК, СЕКОГАШ ВЕРУВАЛА ВО НЕГО, А КАКО МАЛ МУ БРАНЕЛА НА ГОЛ КОГА НЕМАЛО КОЈ

Карим Бензема го поминал детството во едно сиромашно предградие. Во ’60-те години француските власти како експеримент изградиле неколку блокови нискобуџетни станбени згради. На перфиеријата на прекрасните француски градови се појавиле колони сиви високи згради.

На просечните Французи тоа не им се допаднало затоа што тие населби набрзо станале гета за мигранти, но од овие места покрај стереотипите дека живееле криминалци и дилери, произлегле и многу талентирани професори, доктори, учители, музичари, фудбалери кои и тоа како придонесоа за развојот на Франција.

Во ’80-те години во еден таков сиво-депресивен реон во близина на Лион, во местото Брон живеело семејството Бензема, емигрирано во Франција од едно мало алжирско село. Карим бил шесто од вкупно девет деца во овој дом (капитенот на Реал Мадрид има тројца браќа (Грес, Сабри и Фарид) и пет сестри (Лидија, Нафиса, Софија, Летисија и Кала).

Метежот во домот не влијаел на родителската љубов за сите.

„Татко ми настојуваше да ме приклучи во школата на Брон кога виде дека моите другари веќе тргнаа по лош пат. А мама, иако секогаш имаше доволно други грижи, секогаш наоѓаше начин да ми купи нови копачки“, раскажал еднаш Бензема во интервју за Франс Фудбал.

Малика Бензема понекогаш дури и застанувала на гол да брани додека синот шутира со топка кога немал со кој да си игра.

„Таа е главна во вселената на Карим. Она им кажуваше на наставниците дека неговиот израз на лице не значи мрзливост или ароганција“, вели другарот на Карим и семејството Бензема во книгата на новинарите Жил Верде и Жак Енен.

МАЈКА МУ НЕ МУ ДОЗВОЛИЛА ДА ГО НАПУШТИ ФУДБАЛОТ И СЕКОГАШ ВЕРУВАЛА ДЕКА ЌЕ ОСВОИ „ЗЛАТНА ТОПКА“

Карим бил талентиран за фудбал уште од мал, а неговите го убедувале да продолжи да игра за да не се дружи со лошата страна на улицата која можела да го завлече по друг пат. На фудбалско игралиште бил безбеден во Лион.

Набрзо малиот Карим добил шанса да тренира во академијата на големиот и славен шампион Лион. Но таму често седел на клупата за резерви, не играл доволно и на 15 години размислувал да го батали фудбалот. Мајка му не му дозволувала, го бодрела и храбрела. Во еден момент тренер му станал Арман Гаридо кој го препознал потенцијалот на Карим и набрзо тој го покажал целиот раскошен талент.

Со многу голови за младинците се препорачал за прв тим каде влегол како млад, а понатаму се е историја.

„Ѝ ветив на мама дека ќе играм за Реал Мадрид“, во 2012-та рекол Карим Бензема. После 10 години кога ја доби наградата „Златна топка“ за најдобар светски фудбалер, Бензема рече: „Само еден човек секогаш веруваше во мојот сон да ја освојам Златната топка. Тоа е мајка ми. Јас во детството имав три желби: да и купам стан на мама, да заиграм за Реал Мадрид и да освојам Златна топка“.

На свечената церемонија во Париз каде му беше врачена наградата „Златна топка“, Карим на сцена ги повика мајка му, па татко му и син му. 

ОБЛЕЧЕН ВО СТИЛОТ НА НЕГОВИОТ ИДОЛ - ТУПАК ШАКУР

Пицнат во црн смокинг, со стилни очила, кошула со црн превез и уредно средена брада Карим се облекол како неговиот миленик раперот Тупак.

Ова е прекрасна референца на Тупак кој во 1996-та година во таков стил се појави на American Music Awards. Наочарите на Карим се исто како наследство од Тупак. Летово брендот Jean Paul Gaultier ја обновил линијата од омилениот модел на раперот. Очилата JPG 56-6106 се пуштени во три бои: црни, сребрени и златни. Цената им е 390 евра.

Пуштени се само 500 парчиња. Како што рекоа од брендот „моделот ги одржува култните мотиви на модната куќа: етикета на мостот кај носот, детали од оклоп не желка, златни рамки и трозабци кои го прицврстуваат стаклото.

18 октомври 2022 - 10:19