Полскиот дебитант во фајнлфорот од Лигата на шампионите кој го елиминираше Металург во четвртфиналето тешко се носеше со Каталонскиот тим кој водеше во текот на целиот натпревар и сосема заслужено избори пласман во финалето.
Ракометарите на Барселона мечот го решија во последните 10 минути кога за кратко време направија 5 гола разлика, а Пољаците одеа на се или ништо и наместо со голман, настапија со играч повеќе во нападот за да се обидат да стигнат до историско финале.
Најпрецизен ракометар во победничкиот состав беше Рутенка со 8 гола, Томас и Гарсија имаа по 5 погодоци, а Штербик го заврши мечот со 11 одбрани.
На второто полуфинале во големото германско дерби ракометарите на Хамбург беа поуспешни од бранителот на титулата, тимот на Кил и со 39:33 стигнаа до финалето кое се игра утре во Келн со почеток во 18 часот.
Хамбург за прв пат избори пласман во финалето, а најзаслужен за тоа е Хрватот Домагој Дувњак кој постигна 11 погодоци, а одлична партија имаа и Хенс со 8 и Лундберг со 7 постигнати гола.