Лига на шампиони

Баерн по шести пат шампион на Европа!

Во не баш атрактивно финале, германскиот гигант удри печат на потврдата дека е најсилен тим во Европа во моментов. Кингсли Коман, детето на ПСЖ го реши големото финале во Лисабон против своите и Баерн Минхен заслужено ќе ја слави шестата титула европски шампион.

Во 11. финале на КЕШ/Лига на шампиони во богатата клупска историја, а носени од потресниот триумф над Барселона од 8:2 во 1/4 финале, Баварците влегоа во најсилен состав со Нојер, Кимих, Боатенг, Алаба, Алфонсо Дејвис, Алкантара, Горецка, Милер, Гнабри, Коман и Левандовски.

Од друга страна, германскиот тренер на клупата па ПСЖ, Тухел се реши за стандардните Навас, Бернат, Тиаго Силва, Кимпембе, Керер, Паредес, Маркињос, Ерера, Мбапе, Нејмар и Ди Марија.

Тухел фрли карта на нешто поборбен среден ред со Маркињос и Ерера, а Флик се одлучи за технички подобро поткованите Алкантара и Горецка.

Ова беше прво финале меѓу актуелни шампиони во своите домашни првенства после неколку децении.

Од стартот германскиот шампион наметна свој ритам, го стабилизираше поседот на топка и диктираше темпо. Парижаните после воведните 15-ина минути како да се ослободија од притисокот и заиграа во препознатлив стил, по брзи акции на крило преку триото Мбапе-Нејмар-Ди Марија.

Во 18' минута после еден експресен продор на Нејмар, Бразилецот од одлична позиција шутираше но Нојер два пати бранеше и успеа да ја одбие топката во корнер.

Веднаш потоа Левандовски на другата страна погоди статива по еден шут од отсвртување, а голема шанса имаше и Анхел Ди Марија кој со послабата десна нога шутираше над голот на Ноер.

Ханси Флик мораше принудно да менува и тоа важниот играч во одбраната, Боатенг кој во 25' минута поради повреда излезе од игра, а на негово место влезе Зуле.

Фантастичниот Левандовски (15 голови во ЛШ сезонава) во 30' минута од тешка ситуација со глава проба да го изненади Навас, но репрезентативецот на Костарика успеа рефлексно да одбрани.

До крајот на првиот дел по две шанси на двете страни, а по еден дуел со бекот Керер, Коман падна во казнениот простор на ПСЖ, но судијата Орсато само одмавна со рака и брзо отсвири крај на првите 45 минути. 0-0.

*****

Стартот на вториот дел донесе попретпазлива игра на двете страни, зошто со оглед на големиот влог, еден гол во некоја мрежа можеше биде пресуден.

Од таа причина на теренот се играше побавен и понапнат фудбал, па по еден фаул на Гнабри над Нејмар настана гужва после која жолти картони добија Паредес и Гнабри.

Но во 59' минута се распали огнометот.

Од една ненадејна акција, Кимих центрираше а Кингсли Коман (дете на ПСЖ), со глава лесно го совлада Кејлор Навас за 1-0! Трет гол на 9 меча во ЛШ сезонава за францускиот репрезентативец кој ги олади своите:

Интересно, голот на Коман во финалето беше јубилеен 500-ти во историјата на Баерн во Лига на шампиони. Баварците станаа само третиот клуб во историјата кој постигнал толку многу погодоци во Европа (повеќе имаат само Барселона - 517 и Реал - 567).

Коман има само 24 години а зад себе има 20 трофеи! Французинот освојуваше титули со ПСЖ и Јувентус, а од 2015-та ја збогатува колекцијата со пехари во дресот на Баерн Минхен.

До крајот од мечот, Баерн одржуваше нереално висок пресинг, па ПСЖ преку контри и полу-контри се обиде да израмни. Токму по една контра Мбапе влезе во сериозна прилика но Нојер вечерва беше несовладлив.

Германците до крајот го задржи поседот на топка и успеа да го сочува водството и по шести пат во историјата да стане шампион на Европа! Притоа Баварците освоија тројна круна по титулите во Бундеслига и германскиот Куп, втора триплета во историјата по онаа со Јуп Хајнкес во 2013-та.

Во Европа две тројни круни има само Барселона која направи таков луд подвиг во 2009-та и 2015-та.

Баерн титули во КЕШ/ЛШ освојувал во 1974, 1975, 1976, 2001, 2013 и сега во 2020.

Тренерот Ханс-Дитер Флик на клупата на Баерн седна во ноември и тоа како привремен, в.д. тренер но сезоната ја завршува фантастично со дури 3 освоени пехари.

Полјакот постигна 15 голови сезонава (2 од пенал) на 11 меча. Покрај тоа имаше и шест асистенции. Зад него втор најдобар стрелец во ЛШ сезонава беше Ерлинг Холанд (Ред Бул/Борусија Дортмунд) со 10 погодоци.

Баерн Минхен сега со шест освоени титули во Лига на шампиони го стигна Ливерпул. Најтрофеен е Реал Мадрид со 13, а Милан има 7 пехари.

23 август 2020 - 23:02