Баерн го пушти своето дете, Јунајтед доби голем борец

Бастијан Швајнштајгер е нов играч на Манчестер Јунајтед, а на навивачите на Баерн Минхен тешко им падна заминувањето на човекот со кого во претходните 17 години освоија сè што можеше да се освои.

Како што во минатото Франц Бекенбауер, Карл-Ханц Румениге и Пол Брајтнер заминуваа, па се враќаа во Баерн Минхен, навивачите од јужната страна на Алијанц Арена веруваат дека еден ден и Швајни ќе се врати во клубот. Сепак Минхен тагува за патронот кој ќе недостасува на игралиштата во квартот Глокенбахвиртел во центарот на Минхен, како и во Шуманс Барот каде обично Бастијан Швајнштајгер ги прославуваше трофеите со Баварците.
 
Швајни ќе им фали и на пријателите со кои играше фудбал во паркот Енглишер Гартен каде често го носеше црвениот дрес кој Лампард му го даде после СП 2010. година кога Германија со 4-1 ја прегази Англија во Блумфонтејн, пишува Гардијан. На Минхен ќе му фалат и утринските џогирања на Швајнштајгер на реката Исар, каде редовно влегувал во студената вода. 

Швајнштајгер се сметаше за правиот лидер на Баерн Минхен по легендарниот Брајтнер кој се пензионираше во 1983. година. За тоа колку Швајни беше важен во освојувањето на златото на СП лани, зборуваат и 15-те километри претрчани во финалето (најмногу од сите на теренот). Швајнштајгер воедно станува и 9-от играч во историјата на Манчестер Јунајтед што освоил Светско првенство. Пред него тоа беа Чарлтон, Стајлс, Конели, Блан, Бартез, Клеберсон, Мата и Валдес.
„Жално е што патиштата ни се разделуваат. Толку време поминавме заедно и срамота е ова што се случи. Играм фудбал со него од кога имавме 16 гдоини. Ќе ни фали. Секој што го познава знае дека тој сака нови предизвици", изјави Филип Лам по трансферот на Швајни во Јунајтед.
Година пред Мундијалот, Швајншајгер од трет обид ја освои и ЛШ против Борусија Дортмунд во Лондон. Со тоа, за 13 години Швајншајгер освои сè: 8 шампионски титули и 7 ДФБ Купови на Германија поради што на 14. август кога ќе се отвора Бундеслигата, навивачите ќе го скандираат неговото име.

Спортскиот директор на Баерн, Матјас Замер отворено призна дека клубот рационално размислувал кога е во прашање Бастијан Швајнштајгер.

„Емотивно Бастијан секогаш ќе биде дел од нас, но рационално во последно време многу често се повредуваше поради што не беше одлучувачки фактор во последните две години“, призна Замер зошто не го продолжиле договорот со Швајнштајгер.
Во меѓувреме, самиот фудбалер ги негираше информациите дека се замерил со Гвардиола и дека бил многу близок со Луј Ван Гал.
„Се надевам дека ќе ме разберете што го одбрав овој пат. Никогаш нема да ве заборавам и секогаш ќе бидете во моето срце. Се надевам дека ќе се видиме повторно наскоро“, изјави Швајншајгер во видео пораката до навивачите на Баерн Минхен.

Покрај него, Манчестер Јунајтед летово се засили и со Мемфис Депај (ПСВ), Морган Шнајдерлин (Саутемптон) и Матео Дармијан (Торино).