Азилантот од Конго кој се прослави во Париз, па потпиша за 8 милиони евра во Штутгарт

Чудни се судбините на африканските млади таленти за кои во западните земји се става рака на очи за нивните административни фалсификати. Необична е сторијата за младиот Сила од Киншаса за кој допрва треба да се слушне.

Центарфорот од ДР Конго, Сила Вамангитука минатата сезона бил еден од најдобрите фудбалери во француската втора лига, Лига 2. Иако никогаш претходно не играл фудбал на професионално ниво, Вамангитука станал стандарден напаѓач и постигнал 11 гола на 33 натпревари.

Летово за него се заинтересирале многу сериозни клубови. Конгоанецот го следеле скаути и ловци на таленти од сите француски големи клубови како и скаути на Ливерпул и Барселона. Свесни за тоа колку е добар Сила, луѓето од Париз му ставиле цена од 8 милиони евра кои летово без размислување ги платил германски Штутгарт.

Штутгарт минатата сезона испадна од Бундеслига, но не намерува долго да се задржи во втора лига (3. место се и на добар пат да се вратат во елитата на пролет).

Интересно, Париз на него заработил огромна сума на пари, затоа што Сила Вамангитука дошол бесплатно во клубот во летото 2018 од аматерскиот клуб Олимпик Алес.

ДОШОЛ ВО ЕВРОПА СО ТУЃО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ

Француски l'Equipe се заинтересирал за детали од животот на Вамангитука и се испоставило дека тој користел друго име.

Сила се родил во Киншаса, главен град на ДР Конго, една од најсиромашните земји на светот, држава втора по големина во Африка и четврта по население. Во Конго живеат околу 100 милиони жители.

На 12 години додека играл на прашливите улици на Киншаса, го забележале скаутите од академијата Black Mountain Sport, која што ја основал поранешниот напаѓач на Реал Мадрид, ПСЖ, Ливерпул и Јувентус, Николас Анелка.

Од тој момент за младиот се грижел човек по име Оливие Белези - адвокат од Конго кој не го биел баш добар глас. Пример, порнашениот играч на ПСЖ и Вест Бромвич, Јусуф Мулумбу во октомври го дал на суд адвокатот Белези за измама и фалсификување.

Според официјалната верзија, во прво време младиот Сила Вамангитука играл за клубот Матете за кого работи академијата на Анелка. Во 2018 година го понудиле талентот на Монпеље, но Вамангитука отишол во помалиот и непознат клуб Олимпик, филијала на Монпеље. Таму не добил многу шанса, па кога го забележиле скаутите на ФК Париз (второлигаш), решиле да го доведат во својот клуб.

ОД ТОЈ МОМЕНТ ПОЧНУВА АКЦИЈАТА И НЕВЕРОЈАТНАТА ПРИКАЗНА

Во есента 2018 година на електронската пошта на директорот на Париз, Пјер Дреоси стигнало писмо:

„Здраво, јас сум Макс Моки НзаНги. Предложувам на мирен начин да го регулираме прашањето за фалсификуваниот премин на нашиот играч Сила Мвумпи Катомп во ФК Париз под името Сила Вамангитуки“.

Моки НзаНги е претседател на клубот МК од Конго.

Сила Мвумпа Катомпа е роден на 6 октомври 1998 година. Како мал играл за два клуба од Киншаса - Матомбе и Грејс, а потоа преминал во МК. Интересно, како играч на клубот МК дури и станал младински репрезентативец на ДР Конго, но во 2016 година буквално го снемало и веќе не го виделе.

Во јуни 2017 година Мвумпа Катомпа дал барање за шенгенска виза и пристигнал во Европа. На Стариот континент се појавил под името Сила Вамангитука, со поинаков датум на раѓање (6 октомври 1999 година). Со овие податоци и потпишал договор со Париз.

Кога се дознало за ова, клубот и претседателот на конгоанскиот тим МК, НзаНги се договориле да не ја шират приказната и се нашле на „пола пат“ - односно африканскиот клуб да добие 10% од следната препродажба на фудбалерот - односно 800.000 евра во случајов.

Адвокатот Дреоси има своја верзија, тој не ги потврдил информациите за ваков договор на МК и Париз: „Ние не плативме ништо на никој клуб. Ние имаме документи, и официјален пасош на Сила со државјанство. Се е во ред кај нас. Ако имало некаков проблем, тоа е во Конго. Обратете се таму“.

Потоа претседателот на Париз, Пјер Дреоси пратил мејл до L'Equipe му во кој тврдел дека се договорил со клубот Матете за да им платат 10% од следната продажба на играчот.

„Со африканските клубови секогаш е така, ако играчот се докаже, тогаш секој сака свој дел“, рекол еден функционер на Париз.

Но после ова, претседателот на Париз, Пјер Дреоси престанал да одговара на повиците на реномираниот весник и не им враќал на мејл.

И ПОКРАЈ СИТЕ БИРОКРАТСКИ ПРОБЛЕМИ И ФАЛСИФИКАТИ, СИЛА ИГРА ОДЛИЧНО НА ТЕРЕН

Кристијан Нсенги-Биембе, селекторот на Конго внимателно ги следи настаните на Вамангитука во Штутгарт. Сила постигнал 4 гола и има 2 асистенции на 11 меча и брзо би можел да заигра за репрезентацијата. Но...

„Би сакал, но не можам да го повикам зошто има административен проблем, проблем со пасошот. Слушнавме многу работи, посебно со барањето азил. Но има и проблем со идентитетот на лицето. Чекаме. Можам само да кажам дека во ДР Конго никој никогаш не слушнал за Сила Вамангитука“, рекол селекторот на африканската репрезентација која се бори за пласман на Светско 2022.

Од Штутгарт рекле:

„Ние имаме не само пасош од играчот, туку и пасош од сите соодветни фудбалски федерации кои ја претставуваат неговата кариера до 2010 година. Штутгарт нема никаква причина да сомнева во автентичност или веродостојност на документите. Тие документи беа разгледувани од француските власти, а летово целата комплетна документација ја прегледаа и компетентни германски власти кои потврдија дека е веродостојна и исправна. Им веруваме на нив“.

L'Equipe додава дека повеќето сведоци кои ги контактирале, или одбиле да зборуваат или побарале да не се објавуваат нивните ставови. Освен тоа добивале и анонимни писма во кои им се препорачува да не „чепкаат“ по тоа прашање.