Во претпоследното коло на квалификацискиот циклус за Европското, Игор Ангеловски ги немаше на располагање повредените Адеми, Бејтулаи, Тричковски и Алиоски, како и суспендираните Муслиу, Несторовски и Николов.
За малерот да биде уште поголем, отпадна и најважната алка во тимот, капитенот Горан Пандев кој качи температура пред мечот, а веќе по десетина минути игра се повреди и Александар Трајковски.
Затоа Мрме на ова гостување мораше да искомбинира крпен состав со кој сепак загуби пристојно со 2:1. Австријците очекувано доминираа во првиот дел кој го добија 1:0 со брз гол уште во 7 минута.
Можеа да водат и повеќе ако не промашеа чисти шанси како што тоа неколку пати го направи Марко Арнаутовиќ.
И покрај тоа што брзо стигнаа до втор гол и во второто полувреме, сепак нашите момци не се предадоа и одиграа добро после паузата. За издвојување е настапот на дебитантот Влатко Стојановски.
22 годишниот напаѓач на францускиот прволигаш Нимес го одигра речици целиот меч откако го замени Трајковски и имаше три убави прилики за гол, сите во второ. Погоди од трета мајка дури во 93-ра минута, колку да го ублажи поразот.
Полска и Австрија се веќе сигурни учесници на Европското догодина, а нас ни преостанува со победа во вторник против Израел да одиме на трето место, кое би било најдобро до сега, но за тоа треба и Словенија да загуби на гости против Полска.
Втората шанса за пласман на ЕП 2020 ќе го бркаме преку плејофот во Лига на нации. За тоа треба прво да го добиеме Косово на домашен терен на 26 март, а потоа во финале на 31 март би играле со подобриот од дуелот Белорусија - Грузија.