Веќе се поизвесно е дека Светското првенство кое ќе се одржи во Катар заради високите температури ќе мора да биде преместено за во зима, но тоа ќе биде самоубиствен план на ФИФА заради нивните регулативи. Во тендерската документација на ФИФА јасно пишува дека се повикуваат заинтересираните земји да ги испратат своите кандидатури за организирање на Светското првенство во јуни и/или јули 2022.
Освен Катар, свои кандидатури испратија и Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и САД, па така секој обид за промена на терминот ќе резултира со тужби од кандидатите кои оправдано ќе се побунат и ќе докажат дека потрошиле многу пари, време и енергија на нивните кампањи за орагнизација на СП 2022 во летен период како што побарала ФИФА.
Први својот глас го кренаа Австралијците. Фудбалската федерација на Австралија ќе побара од ФИФА да им платат 43 милиони австралиски долари (30 милиони евра) колку што тие потрошиле за кандидатурата за организација на првенството.
За сега ова барање е само во форма на соопштение на нивниот вебсајт пред да преземат и правни мерки, а се очекува реакција и од Јапонија, Јужна Кореја и САД.