Анжи Махачкала, следната европска фудбалска велесила

Ќе успее ли 146-от најбогат човек на планетата, рускиот милијардер Сулејман Керимов со своите 6,5 милијарди долари да го однесе Анжи помеѓу големите европски фудбалски сили?

Сулејман Керимов е роден во Махачкала, главниот град на републиката Дагестан која се наоѓа блиску до границата со Грузија и Азербејџан.

Според New York Times, Дагестан е поопасно место и од Чеченија и се верува дека ова е најопасната област во овој регион.

Токму заради овие безбедносни причини, фудбалерите на Анжи не живеат во Махачкала. Тие живеат и тренираат во Москва, а за секој домашен натпревар патуваат по 2.000 километри.

Ова сигурно би претставувало проблем за секој човек, но со таква плата како на фудбалерите на Анжи, тие веднаш забораваат колку е долг летот до нивниот стадион.

Керимов го презеде клубот во јануари 2011-та година и веднаш започна да се расфрла со пари. Прва мета беше бразилската легенда Роберто Карлос, на кого и покрај неговите 37 години, му беа понудени 9 милиони долари. И воопшто не бе изненадувачки што тој ја прифати оваа понуда.

Како знак за благодарност (како да му се малку 22,5 милиони за 2,5 години) Керимов на Роберто Карлос за неговиот роденден му подари Бугати вредно 3 милиони долари.

Сезоната 2011/12 започна во март минатата година, а Анжи до тогаш имаше потрошено 42 милиони долари.

Летото 2011, Керимов и Анжи повторно се најдоа на насловните на сите светски медиуми. Самуел Ето од Интер пристигна во Махачкала за 30 милиони долари и стана најплатениот фудбалер во историјата со плата од околу 555.000 долари неделно.

Покрај Ето, во август Анжи го доведе Жирков од Челси за 17 и Самба од Блекбурн за 16 милиони долари.

За да сфатат дека тој е сериозен во своите намери, Керимов си најми и сериозен тренер. Поранешниот тренер на Реал Мадрид и Челси, Гус Хидинк пристигна во Анжи во февруари оваа година.

Се разбира и Хидинк, како и Ето, изјави дека парите за него не биле најголемата причина да ја прифати понудата. За него најважно било тоа што клубот имал план за развој на фудбалот во републиката Дагестан.

Според Financial Times, Керимов само до сега има потрошено 260 милиони долари на фудбалери и уште 130 милиони на изградба на нов стадион.

Минатата година Керимов беше заинтересиран во својот тим да ги доведе Меси и Нејмар. Воопшто нема да биде зачудувачки ако наскоро уште некое друго големо фудбалско име го следи патот на Ето. Керимов има пари да го купи цел тим на Барселона ако сака, но дали толку пари можат наеднаш да донесат резултат? Ќе успее ли Анжи да се најде во врвот на европскиот фудбал во следните 5 години?

29 март 2012 - 12:12