Различно расположение на двата тренери по мечот кој Скопјани го добија 1:0 на Филип Втори Арената. Скопската публика малку виде од ѕвездите Кардозо, Јилмаз, Ердоган и Констант но затоа виде храбар и борбен Работнички.
„Натпреварот не започна како што очекувавме. Се обидувавме да ја отвориме средината на противникот, но Работнички одигра мошне борбено. Вториот дел започна со неколку наши шанси преку крилните играчи, но не успеавме да реализираме. На вчерашниот прес изјавив дека целта ни е да не примиме гол, но загубивме и јас морам да му честитам на противникот“, го започна своето обраќање Шота Арвеладзе.
Трабзонспор во својот состав го имаше и Португалецот Оскар Кардозо и поранешниот фудбалер на Милан, Кевин Констант, но ниту едниот ниту другиот не го загрозија голот на Скопјани.
„Воопшто не го потценувавме противникот. Знаевме дека играат одличен пресинг и имаат двајца брзи напаѓачи кои ја притискаа нашата одбрана и ни создадоа многу проблеми преку брзи контранапади“, видно нерасположен додаде Шота Арвеладзе.
За разлика од неговиот колега, тренерот на Работнички по трет пат сезонава расположен се појави на прес конференција.
„Нормално дека сум задоволен од резултатот. Да победиш 1:0 екипа која вреди 105 милиони евра е нешто навистина големо. Уште не сме свесни што направивме. Имаме активен резултат, имаме предност и ќе направиме сè да бидеме ние тимот кој ќе патува во следната фаза. Од овој меч доби македонскиот фудбал, македонската јавност“, го отвори пресот тренерот Игор Ангеловски.
Дали жалите за пропуштените шанси на Илиевски и Анене?
„Да ми кажеше некој дека мечот ќе заврши 1:0 за нас, ќе прифатев со две раце. На победата никогаш не ѝ гледам во заби. На наша несреќа Баже и Анене не ги искористија приликите за поголемо водство, но на крајот задоволни сме од резултатот“, продолжи Ангеловски со право да ја слави големата победа.
Романтичарите сега имаат една недела да се спремат за реваншот и преполниот стадион во Трабзон.
„Кажав и на пресот пред мечот дека имавме долго време да ги анализираме претходните натпревари на Трабзон. Мислам дека добро ги затворивме нивните напаѓачи. Во реваншот тие ќе имаат незгоден резултат, ќе мора да нападнат, а ние ќе се обидеме да го искористиме тоа и да извлечеме поволен резултат“, констатираше Ангеловски.
Реваншот меѓу Трабзон и Работнички во Турција се игра на 6. август.