На неколку дена пред дуелот во Торино, Кристијано бил позитивен на тест (пиша на Инстаграм дека PCR бил срање, па ја избриша објавата) и не играше против Барселона.
Од друга страна Каталонците првпат сезонава изгледаа близу до она како што треба да изгледаат - лесен, убав, допадлив и ефикасен фудбал на противничка половина.
Се вратија и помалку депресивните Гризман и Дембеле кои под команда на Меси синоќа го надиграа Јувентус. Осман постигна убав гол (додуше рикошет од Киеза), одлично се надополнуваше со Меси, а Антоан уште во првиот дел имаше две-три големи шанси.
Играчите на Барселона како на терен да ја славеа оставката на Бартомеу, а синоќа како да ги поддржа и Алваро Мората.
Поранешниот напаѓач на Реал и Атлетико Мадрид ужива да спие во офсајд: во последните 10 месеци има 11 голови поништени поради офсајд. Во среда постави рекорд: 3 поништени погодоци.
Сите 3 епизоди на офсајд:
15' минута (веднаш после голот на Дембеле). Куадрадо одлично го проигра Мората кој истрча сам пред голманот Нето и го матираше за 1:1. Сите играчи на Јувентус се израдуваа на голот ама ВАР покажа офсајд и главниот судија го поништи.
30' минута - одново врската Куадрадо - Мората: Колумбиецот полу центрираше полу шутираше ама несмасно, па топката по некоја случајност отиде кај Мората кој лесно ја преусмери во гол. 1:1?
Не, линискиот судија овојпат крена знаменце за офсајд, а ВАР потврди. Поништен и втор гол.
55' минута.
Верувале или не, Куадрадо одново шутираше кон голот на Барса, а Мората се намести и постигна гол за 1:1.
Играчите на Јуве веќе славеа и никој, па дури ни главниот судија не очекуваше по трет рекорден пат да поништи гол.
Ама Дани Макели мораше одново да побара ВАР прегледување и да му „овозможи“ на шпанскиот центарфор хет-трик на офсајди.
Додека ги слушаше колегите од ВАР собата, главниот арбитар Дани Макели почна и самиот да се смее на необичната ситуација со Мората
На крајот, целата приказна ја затвори Лионел Меси во 90' минута со гол пенал (4 гола има сезонава и сите 4 му се од пенал: 3 за Барса и 1 за Аргентина).
Статистиката покажа дека Барселона заслужено славеше и однесе 3 бода: имаа 703 пасови наспроти 478 на Јувентус, 13 шута наспроти 10 на Јуве, 4 удари во рамки на гол а италијанскиот шампион ниту еден.
Во историјата скоро и да не се случило Јувентус на домашен терен да не упати ниту еден шут кон противнички гол.
Андреа Пирло има слаб старт како тренер: 3 нерешени на 5 меча во Серија А (од кои двете последни против Кротоне и Верона) и заслужен пораз од Барелона.
Од друга страна, Куман, Меси и Барса ги имаат најдобрите 2 дена откако се заедно: Бартомеу си отиде а победија против многу силен противник во групата.
На 8 декември е реваншот на „Камп Ноу“ каде после долго време би требало да дојде и Кристијано Роналдо.