Алибито со повредени не им држи против Ајакс

Се сеќавате ли на Даниеле Адани? Пензиониран е пред 10 години, а исто толку време работи како телевизиски аналитичар. Свое видување даде и за шокантната елиминација на Јувентус од Ајакс.

Адани го паметиме како стопер во Бреша, Интер, Фиорентина, а последен клуб му беше Емполи.

Почна да работи како аналитичар во Спортиталија, но во 2012-та го ангажираа во Скај Спорт каде важи за еден од најдобрите за италијански, европски и јужноамерикански фудбал.

Ова се неговите ставови и критики во однос на поразот на Јуве во четвртфиналето од ЛШ против Ајакс.

„Јувентус нема план Б кога не игра Манџукиќ. Во овие натпревари тимот на Алегри направи само една акција вредна за екипи како Ливерпул, Манчестер Сити, Барселона Тотенхем, Арсенал и Наполи. Тоа е акцијата со која стигнаа до водство во Амстердам преку Роналдо во која учествуваа Бентакур и Кансело. Истите овие двајца беа на клупа на реваншот. И потоа слушам дека немале измени кои би го смениле текот на мечот. Алибито со повредени не им држи против Ајакс“.

„Јуве имаше три удари во 180 минути. На 10 меча во ЛШ загубија 4 пати и тоа на истите тие 4 не играше Кансело. Португалецот е играч кој ти дава идеи во напад. Ако Јуве не му даде напред топка на Манџукиќ, не гледам друга идеја. Со Атлетико успеаа да го одиграат мечот бидејќи во свои раце го зема Роналдо. Но Јуве го заслужи ли Роналдо? Фудбалерите ги добиваат натпреварите, тоа е точно, но со вистински идеи“.

„Точно е дека Алегри ги заслужи сите аплаузи во првенството, но за мене проектот кој го направи Јуве во последните три години заедно со изборот на тренерот не порасна како што се зголемија инвестициите. Не сум од оние кои не го ценат освојувањето на Скудетото, но не е само прашање на победи и порази, туку муабетот (кој веројатно мора да биде) е како да бидат подобри.“

20 април 2019 - 08:00