Мотивирани по триумфот над Израел на гостински терен, избраниците на Игор Ангеловски го одиграа можеби најквалитетниот натпревар во овој квалификациски циклус. Уште на стартот на мечот се наметнаа со доминантна игра на пресметката против Албанија, која поради безбедносни причини се играше на стадионот Младост во Струмица.
Почетните закани тргнаа по крилните позиции преку Ристовски и Алиоски кои упатија остри центар шутеви во шеснаесетникот по кои немаше завршница, а најактивен во нападот беше Пандев кој заедно со Несторовски во 19 и 20 минута упатија непрецизни удари.
Капитенот во 23 минута се обиде силно од околу 20 метри, но Бериша успеа да го скроти неговиот удар. Голманот на Аталанта беше на маки веќе во следната минута кога од околу 35 метри од слободен удар за малку ќе беше изненаден од Енис Барди.
Македонија целосно доминираше, создаваше игра и шанси, но не успеа да го отвори резултатот кој на полувреме беше 0:0.
Вториот дел почна најлошо што можеше за нашите фудбалери кои од првата закана на гостите примија гол. Стрелец Одисе Роши со глава во 53 минута и студен туш за нашите фудбалери.
Македонија не падна психолошки и откако набрзина излезе од шокот продолжи жестоко да напаѓа. Пандев во вториот дел беше одлично чуван, но затоа во два наврати набрзина едно по друго Алиоски се закани од далечина.
И додека притисокот на нашиот национален тим се зголемуваше, судијата Јонас Ериксон во 78 минута досуди пенал за Македонија, кој нововлезениот Александар Трајковски го претвори во гол за 1:1.
Израмнувањето на средбата дополнително ги мотивираше нашите фудбалери за да стигнат до целосен пресврт за кој може само да жалиме. Херој на средбата беше Етрит Бериша кој фати чуда.
Најпрво Несторовски имаше со него ситуација еден на еден, но не успеа да го мине, а потоа следуваа бомба на Алиоски и удар на Несторовски од само неколку метри по одбиената топка, чисти и најзрели шанси по кои ни избега победата.
До крајот на квалификациите ни преостануваат уште две средби: Со Италија на гости (6 октомври) и со Лихтенштајн дома (9 октомври).
Табелата во групата Г изгледа вака:
1. Шпанија 22
2. Италија 19
3. Албанија 13
4. Израел 9
5. Македонија 7
6. Лихтенштајн 0.
2. Италија 19
3. Албанија 13
4. Израел 9
5. Македонија 7
6. Лихтенштајн 0.