Фудбалерите на Партизан таа сезона беа во налет, го елиминираа КПР од тогашниот Куп на УЕФА, а Црвена Ѕвезда беше во катастрофална криза и држеше по 3-4 состаноци неделно.
Во ноември 1984 година на стадионот ЈНА во 40 минута резултатот го отвори Драган Манце со глава и го фати голманот Ивковиќ на расчекор. За Драги Каличанин тоа е најубавиот гол кој го видел.
Црвено белите се изнапромашија чисти шанси, а меѓу нив и Милко и Бошко Ѓуровски кои играа заедно за Ѕвезда. Партизан го дуплираше водството, а почесниот гол на Црвена Ѕвезда го постигна нашиот Милко кој една година подоцна направи трансфер токму во големиот градски ривал.
По тој пораз Црвена Ѕвезда за прв пат во својата историја се најде на дното на табелата, а Џаиќ како директор на клубот направил лом во соблекувална.
Партизан освен по триумфот овој натпревар ќе го памети и по последниот гол на Манце во дербито, бидејќи по 10 месеци загина во сообраќајна несреќа брзајќи на тренинг на само 22 години.