Приказната за ова момче почнува како на многумина разочарани деца кои со шутирање на топката низ сиромашните квартови во Африка свесни се дека немаат иднина. Жозеф е еден од нив и тој на 15 години го напушта Камерун, а среќата се обидува да си ја пронајде на фудбалските терени во Италија.
Неговата дестинација е Рим, односно клубот Вигор Перконти кој собира талентирани деца од каде најдобрите потоа градат професионална кариера и најчесто завршуваат во некој калчолигаш. За кратко време тој го освоил срцето на претседателот на тимот кој му станал како втор татко.
За него дознаваат и почнуваат да го следат Интер, Рома, Удинезе и Џенова, но најбрзо реагирале скаутите на Наполи кои го повикале на двомесечни проби кои не ги минал. Следната дестинација му била тимот на Лацио каде се натпреварувал во првенството за „Алиеви“, категорија за играчи под 16 години.
Минала веднаш се наметнал со својот талент, а тренерот на Лацио Примавера, Алберто Болини го прекомандувал во неговиот тим за играчи до 21 година и побарал од раководството на Лацио да му склучат договор.
Од минатиот месец младинскиот тим на Лацио е под водство на нивниот поранешен фудбалер Симоне Инзаги, а младиот Камерунец кој има офанзивни задачи во средниот ред пред две недели се покажа и пред новиот стратег постигнувајќи гол во полуфиналниот меч од купот на Италија против Интер.
Болини на почетокот од оваа година стана помошник тренер на сениорскиот тим на Лацио, а доколку Жозеф Мари продолжи со квалитетни партии неговиот сон може целосно да се оствари исто како и на неговиот клупски колега Кеита кој викендов стана најмладиот играч кој дебитирал на римското дерби со само 18 години.
Жозеф Мари Минала е роден во 1996 година, а тој податок на многумина им е сомнителен затоа што оваа слика не соодветствува со неговите 17 години и личи малку на чиче.