Вистината за Адебајор. Во автобиографска книга? Не. Во ексклузивно интервју? Не. Во време на социјалните мрежи, Тогоанецот реши сè да раскаже на Фејсбук.
Сè за неговото семејство и за личните проблеми со најблиските кои често го оддалечуваа од теренот и ги полнеа англиските таблоиди. Од обвинувањата дека мајка му му фрла црни магии, до платените патувањата на погреб во Африка, Адебајор реши да се олесни на Фејсбук.
Напаѓачот во меѓувреме разговарал и со Дидие Дрогба, од кого барал совет, а вели дека приватните проблеми ги изнесува јавно со цел да им помогне на другите африкански семејства. Постот до вчера собра преку 870.000 лајкови. Дел од новинарите го поддржаа Адебајор, а дел изјавија дека не смеел да си дозволи такво нешто.
Напаѓачот сезонава одигра 17 натпревари и даде само 2 гола во првенството и купот. Подолго време чекаше на дозвола да отпатува дома, отколку што играше и тренираше. Причина за тоа се караниците и проблемите со најблиските членови на семејството.
„Долго време го држев ова во себе, но денес одлучив да го споделам со вас. Вистина е дека семејните проблеми треба да се решаваат дома а не во јавност, но го правам ова затоа што се надевам дека сите фамилии ќе научат нешто од мојот случај“, го почна постот Адебајор.
Најголемите обвинувања, напаѓачот ги доби од сестра му Маргарет која во интервју за радиото Пис ФМ изјави дека Емануел Адебајор ја избркал мајка му од домот во Лондон минатиот ноември.
„Во 2005. се собравме сите заедно за да ги решиме семејните проблеми. Кога ги прашав родителите што мислат, тие ми кажаа дека јас морам да купам куќа за секој член на семејството а на нив да им давам пари секој месец“, продолжува поранешниот шпиц на Арсенал, Манчестер Сити и Реал Мадрид.
Адебајор минатиот викенд за прв пат после два месеци се најде во првата постава на Тотенхем против Манчестер Сити.
„Како да бидам близок со мајка ми кога таа зборува по сите дека работата нема да ми оди. Мора да престанат да озборуваат и да ми фрлаат јују магии. Треба да ме остават на мира. На сестра ми ѝ купив вила скапа 1,2 милиони фунти во Источен Легон. Ви се верува ли дека сестра ми ја изнајмила куќата без јас да знам?
Адебајор во Англија дојде од Монако, кога Венгер реши да го доведе во Арсенал во 2005. година. По одличните настапи за Топџиите, кариерата почна стрмоглаво да му паѓа. Најмногу го погодиле коментарите дека не направил ништо да ја спречи смртта на брат му Петер.
„Бев во Гана кога дознав дека брат ми Петер е сериозно болен. Најбрзо што можев стигнав дома во Того. Кога влегов во куќата, мајка ми ми кажа дека не можам да го видам брат ми и само пари да ѝ оставам. Само Бог знае колку пари им дадов тогаш. Луѓето зборуваат дека не сум направил ништо да го спасам брат ми, па зар сум луд да возам два часа до Того за ништо“, додава Адебајор.
Тогоанецот во моментов е позајмен во Тотенхем од Манчестер Сити, а договорот со Граѓаните му истекува летово кога му истекува и позајмицата. Исповетта на Адебајор може да ја прочитате тука.