7:0 на Енфилд Роуд - најтешкиот пораз на Манчестер Јунајтед во 92 години

Фудбалерите на Ливерпул го истурија целиот бес од слабите резултати сезонава над најголемиот ривал и тоа со најубедлива победа во историјата на меѓусебните средби и еден од  највисоките триумфи во историјата на англискиот фудбал воопшто.

Манчестер Јунајтед се држеше 40 минути во дербито на „Енфилд Роуд“, и ништо ни малку не најавуваше за ураганот кој ќе следи. Ни домашните ни гостинските навивачи.

Одиме со ред.

43’ - Робертсон со прекрасен пас го пронајде Гакпо кој со маестрален потег на прв го исфрли Варан од игра и го погоди подалечниот агол. Прв гол на мечот.

47’ - Само што почна вториот дел, во една збунувачка ситуација со неспретни реакции на двете страни, една топка стигна до Салах кој го проигра Елиот. Младиот играч на Ливерпул во обид да шутира го пронајде Дарвин Нуњез кој зголеми на 2:0.

50’ - Неполни три минути по вториот падна и трет гол. Салах направи дар-мар во одбраната на Јунајтед и го проигра Холанѓанецот Гакпо кој зголеми на 3:0 со неговиот втор погодок на мечот.

66’ - Црвените се разгоропадија и тргнаа еуфорично по уште голови. Во ситуација кога комплетната одбрана на Манчестер Јунајтед делуваше почетнички, по една брза контра, Салах распали со својата послаба десна нога и го постигна можеби најубавиот гол на мечот со топка одбиена од пречката која заврши во мрежа.

75’ - По два центаршути во шеснаесетникот на Ливерпул, Дарвин Нуњез искористи една шанса, беше највисок во скокот и ја искористи надмоќта над одбранбените играчи на Манчестер па пукна петарда на Енфилд - 5:0.

83’ - По којзнае кој пат карамбол во шеснаесетникот на Манчестер Јунајтед кој најдобро го искористи Египаѓанцот Мо Салах за неверојатни 6:0.

89’ - За историски 7:0 се погрижи Бразилецот Роберто Боби Фирмино со убав гол, веројатно последен против Манчестер Јунајтед како играч на црвените затоа што најави дека летово ќе замине од клубот и ќе бара нова средина.

7:0. Седум нула!

НАЈУБЕДЛИВ ТРИУМФ НА ЛИВЕРПУЛ НАД МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ВО ИСТОРИЈАТА

Двата најголеми англиски ривали, клубови со најмногу трофеи на Островот имаат речиси вековно ривалство.

После стотици одиграни дуели на сите фронтови, ова беше најубедлив триумф или најубедлив пораз на еден од двата тима.

Ливерпул во октомври 1895-та година славел со 7:1 но Манчестер Јунајтед тогаш постоел под името Њутон Хит и само што го почнал својот пат. После 13 години Јунајтед одново примил седум, но одговорил и со четири дадени гола на истиот меч.

Од тогаш до неделата вечер, повеќе од пет гола никогаш не примила ниту една екипа од ривалот.

А првпат во историјата Манчестер Јунајтед прима дури 6 гола во едно полувреме.

ЛИВЕРПУЛ СЕ ВРАЌА - САЛАХ БЛЕСНА

Црвените немаат пораз во Премиер лига на 5 меча по ред од кои 4 победи и една нерешена со Кристал Палас и гол разлика - 13:0!

И покрај тоа што имаа многу турбулентна сезона, на праг на испаѓање се од Лига на шампиони а во Премиер лига не им цветаа ружи, момците на Клоп сега фатија сериозен залет за место кое води во Лига на шампиони следна сезона.

Интересно, Манчестер Јунајтед веќе прими 6 гола под водство на Тен Хаг - од Манчестер Сити во октомври.

Јунак на историскиот, епски триумф на Ливерпул е Мохамед Салах. Тој во последните години го доминира Јунајед на кој било терен. Но овие два гола во неделата вечер му се посебни, затоа што е прв во Топ5 лигите кој постигнал 20+ гола со повеќе од 10 асистенции сезонава. Египќанецот има двоцифрен број на голови и асистенции во сите натпреварувања.

Но уште поважно, Салах го урна рекордот на Роби Фаулер по број на голови за Ливерпул во Премиер лига. Мохамед сега има дури 129 гола на 204 средби. Го стигна и Алан Ширер по број на погодоци против Манчестер Јунајтед - и двајцата имаат по 10.

„Нешто посебно, да бидам искрен. Го чував тој рекорд во ум уште откако се зборуваше. Го бркав уште од првата сезона во Ливерпул. Да се урне на ваков меч против Манчестер Јунајтед е неверојатно! Сега одам дома, да прославам со семејството, да се напијам чај и да си легнам да спијам“, изјавил пресреќниот Салах после дербито на Енфилд Роуд.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД Е ВО ШОК

Невозможните 7:0 од Ливерпул е најтежок пораз за Јунајтед во дури 92 години! Најтежок пораз во историјата на Премиер лигата. Клубот од Манчестер со овој резултат изгубила три пати во историјата: Од Блекбурн во 1926-та, од Астон Вила во 1930-та и од Вулверхемптон во 1931-ва.

6 март 2023 - 08:23