60 години Хаџи, левата нога на ѓаволот

Романската фудбалска икона е родена на 5 февруари 1965-та. Волшебник со топката, најјак играч во историјата на своја земја. Крупен, кавгаџија, бунтовник, горд. Но каде и да играше му даваше убавина на фудбалот. Од Реал Мадрид, па до Бреша.

Левото ѓаволско стапало полни 60 години. За помладите, неговото име е Георге Хаџи. Број на копачки 39 со широк ѓон и петица тврда како мермер. 

Со кисело лице на урбан селанец, кој со својот психоделичен поглед ја чуваше античката тајна на фудбалска игра.

Не баш висок играч (174 см), од оние тешки фигури за чување, жбитак. Ја носеше 10-та, која обично им се дава на фудбалските магионичари.

Кога во Романија се прави рангирање на најдобри играчи на сите времиња, се почнува од второто место. Првото е резервирано за Хаџи.

За него најдобро зборуваат и прекарите кои ги добиваше во текот на кариерата. Од „Гига“, кој обично го викаат семејството и пријателите, до најблагодарниот „Крал“, па сè до најпознатиот „Марадона од Карпатите“.

Кога се зборува за неговите карактеристи на игра, се вели дека во линијата на три четвртини знаеше да направи сè и тоа го правеше на свој начин.

Она што го издвојуваше од толпата беше неговата паметна употреба на левата нога и ароганцијата на дриблинг манијата, кога ќе ја залепеше топката како на турнир. Потоа следуваше тунел или тесен дриблинг.

Она што му правеше проблеми е неговата бунтовност и ароганција. Мислеше дека е најјак од сите. Во Барселона бесно се расправаше со Јохан Кројф, кој во еден момент дури и го исфрли од тим.

На крајот од кариерата беше во Галатасарај, а во една прилика го нарече судијата „крадец“ и го плукна кога доби црвен картон. Беше казнет 17 месеци.

Ако постоеше поглавје во историјата на фудбалот посветено на големите левучари, Гоерге Хаџи ќе го добиеше почесното место.

Хаџи имаше финиш како левоногиот Гризман, беше непредвидлив како Савичевиќ, способен со траектории кои беа белег на Михајловиќ. Беше 100% левак и со стапалото можеше да држи пенкало меѓу прстите и да си го напише името.

Откако се пензионираше стана тренер. Син му Јанис игра во Глазгов Ренџерс, а ќерка му Кира е актерка. За Романија има 125 меча и 35 гола, рекордер заедно со Адријан Муту.

Имаше играно на шест големи натпреварувања: Три Мундијали: Италија 1990, САД 1994 и Франција 1998 и на три ЕП: Франција 1984, Англија 1996 и Белгија/Холандија 2000.

Хаџи е единствен фудбалер во светот кој играл по следниов редослед: Реал Мадрид, Бреша, Барселона. Тоа се случуваше во периодот 1990-1996, кога беше на врвот во кариерата.

После двете години во Бреша, по една во Серија А и Б, требал да премине во Наполи. Но пропаднал тој трансфер, па го продале во Барселона.

На крајот од кариерата заврши во Турција, каде ги маѓепса навивачите на Галатасарај. Освои 10 трофеи во периодот 1996-2000. Четири титули, по два пати Куп и Супер Куп, како и Куп на УЕФА и Супер Куп на УЕФА.

Во моментов го води романскиот прволигаш Констанца.

5 февруари 2025 - 12:52