48.000 гледачи на женски фудбал во Шпанија

Во Билбао, главниот град на автономната покраина Баскија фудбалот е религија. Сме пишувале како за нивниот миленик Атлетик играат само домашни играчи, родени во Баскија. Синоќа на меч од шпанскиот куп во женска конкуренција (Куп на кралицата) меѓу Атлетик Билбао и Атлетико Мадрид имало 48.121 гледач! На женски фудбал, да.

 

 

Капацитетот на ултра модерниот нов стадион „Сан Мамеш“ изнесува 53.289 места. Најголема посетеност откако е изграден имало во октомви лани на дербито со Реал Сосиедад. Интересно, и претходниот рекорд во посетеност на натпревар од женски фудбал го држи Атлетик Билбао, од 2003 кога против Хиспалис се славела шампионска титула пред 35.000 гледачи.

Цената на влезница била 5 евра а оние со сезонски карти можеле бесплатно да влезат на стадионот и тоа по одлука на шпанската фудбалска федерација која на тој начин сакала да му се заблагодари на еден од најстарите клубови во земјата што придонесува многу за промоција на фудбалот.

За жал по домаќинот, нивните миленички изгубија 0-2 од минатогодишниот финалист Атлетико Мадрид кој славеше со головите на Анхела Соса и Ориел Качи.

Во завршницата на женскиот Куп на кралицата ќе играат уште и Барселона, Сосиедад и Севиља.